ЈП Државни патишта: Српските туристи со смарт картичките побрзо ќе ги минуваат наплатните станици
Српските туристи со смарт картичките побргу ќе ги минуваат наплатните станици на патарината долж Коридор 10, гласи одговорот од „Државни патишта“ на прашањето на „Фактор“ зошто едноставно на возилата не им се издаде документ на граница како алтернативен начин во овој случај. Од таму велат дека проверка на документи на самите наплатни станици би направил голем застој. Една ваква М-Кард ќе чини 100 денари, а треба да се набават 200.000.
„Предноста на смарт картичките е таа што им се овозможува на корисниците на патот, во случајот на српските туристи брзо и непречено поминување на Наплатните Станици од Коридор 10, без чекање, со што ќе им се олесни самото патување.
Оваа опција (со М-Кард) е многу побрза и побезбедна од алтернативниот начин со издавање на посебен документ, затоа што во тој случај, имателот на документот (возило со српски регистерски таблички) треба да застане на Наплатната Станица и да го даде документот на увид, со што би се направил застој, непотребна гужва и секако, непотребна нервоза“, гласи одговорот кој го добивме од јавното претпријатие.
ЈП Државни патишта се задолжени од Владата да изработат 200.000 смарт картички со кои за српските туристи ќе биде бесплатна патната такса по Коридор 10 во периодот од 10 јуни до 15 август. Од претпријатието велат дека не постојат прецизни анализи возила на српски граѓани би транзитирале низ Македонија во овој период.
„Јавното претпријатие за државни патишта, преку системот за наплата не ги издвојува корисниците на патот на домашни и странски корисници, со тоа што за странските возила, вклучително и возилата со српски регистерски таблички е овозможено плаќање во странска валута (евра, долари, швајцарски франци и слично) Податоците за бројот на возила е направен со анализи на поминати возила на Наплатните Станици за време на летната сезона а како најмеродавна е земена 2019 година која според остварениот промет на Наплатните станици и според бројот на наплатени возила е рекорден. Секако, овие анализи се правени и во соработка со Министерството за внатрешни работи, со податоци од влезени странски возила од граничните премини кон територија на Република Северна Македонија“, велат од таму.
Српските туристи со смарт картичката без застој би ја минувале границата, а ќе имаат и електронска картичка со сума од 760 денари од која ќе биде наплатувана таксата.
„Електронските картички кои ќе бидат изработени со средства или припејд кредит во висина од 760 денари колку што чини надоместокот за патарина на Наплатните Станици на Коридор 10 во двата правци, плус 100 денари колку што чини М-Смарт Кард картичката и овие средства се исплаќаат во денари. Сумата за патарина, за возила од 1Б Категорија од Куманово до Гевгелија изнесува 7 евра во правец, или 14 евра во двата правци“, појаснуваат од „Државни патишта“.А.К.
