Гласините се потврдија – Јове Кекеновски ќе се номинира за претседател на земјава
Досега се шепотеше, сега има и официјална потврда, професорот Јове Кекеновски ќе се номинира за претседателски кандидат на Конвенцијата на владејачката ВМРО ДПМНЕ, што треба да се одржи кон средината на февруари.
На денешната промоција по овој повод, за себе рече дека е еманципиран вмровец, а ги почитува сите луѓе без разлика на нивната припадност.
„Јас сум член на ВМРО-ДПМНЕ, но често пати се спротивставувам на одредени негови политики и ги критикувам. Тоа е затоа што сум полојален на државата отколку на партијата. Претседателската функција треба да престане да биде врвен личен ловен трофеј до кој се стигнува само со умилкување на партиските авторитети, без да се води сметка за државата“, истакна Кекеновски.
Тој уште најави и дека очекува формална поддршка од партијата, додека оттаму за сега молчат.
„Јас неколкупати имав различни ставови од мојата партија, дури некогаш и критички, но јас повеќе сум лојален на државата, отколку на партиски авторитети, но тоа не е причина мојата кандидатура да биде одбиена“, додава тој.
Во својата програма Кекеновски бара земјава да престане да биде, како што вели, поле на политички експерименти. Се залага за почитување на уставот и државните симболи и идентитетот како црвена линија во преговорите за името. Претседателските избори треба да се одржат идната година, а засега Кекеновски е единствен јавно деклариран кандидат- претендент за оваа функција.
Слично
