Јовановски се повлекува од функцијата во СДСМ, Заев прави нов тим
Еден ден по поразот за лидер на СДСМ, досегашниот потпретседател Зоран Јовановски објави дека се повлекува од сите раководни позиции во партијата и се враќа на своето работно место во Комерцијална банка. Вториот поразен во трката за претседател на СДСМ Кире Наумов кој освои само 15 гласа на тајното гласање, вели дека конгресот поминал во мачна атмосфера.
Јовановски денеска му ја честиташе победата на новиот претседател Зоран Заев и му посака среќа во водењето на партијата. Тој синоќа освои 137 гласови, додека Заев со 395 гласови беше неоспорен победник на 14-иот Конгрес на партијата.
„Во мојот живот никогаш не сум калкулирал, туку сум се однесувал чесно и достоинствено. Така влегов во оваа приказна, така и излегувам. Ќе продолжам и понатаму да се борам за вредностите во кои силно верувам, но отсега тоа ќе го правам на лично, индивидуално ниво“, изјави Јовановски кој му се заблагодари на Бранко Црвенковски за тоа што му дозволил последниве четири години да биде потпретседател на партијата.
„На Конгресот пред делегатите беа понудени концепти и визии за функционирањето на СДСМ во наредниот период и тоа концепти и визии кои суштински се разликуваат. Делегатите пред себе ја имаа шансата да го насочат СДСМ по патека која е нова и поинаква, но тие направија друг избор и јас целосно го почитувам тоа. Притоа, не сакам да бидам каква било пречка за реализација на концептот што беше избран“, изтакна Јовановски.
Заев пак им се заблагодати на своите сопартијци за поддршката, а сега се чека на формирање нов тим кој на СДСМ ќе треба да и донесе нови политички поени.
Слично
