Јовановски: Бизнис заедницата очекува суштинска комуникација
Бизнис заедницата очекува суштинска комуникација со државните институции, не само закажување и одржување состаноци, туку и сериозно земање предвид на аргументите кои ги изнесуваат и посочуваат компаниите, порача потпретседателот на Стопанската комора, Зоран Јовановски на конференцијата „Предизвици на економските политики во 2023 година“.
Според Јовановски, четирите клучни предизвици оваа година ќе бидат буџетот на државата, инфлацијата, ценовната конкурентност и екстерната побарувачка за македонските производи и услуги.
- Во однос на очекувањата за 2023 година, би рекол, ентузијазмот кај бизнис секторот секогаш постои, само бизнис секторот не е еуфоричен, туку секогаш е умерен оптимист. Ќе повторам, бизнис заедницата очекува суштинска комуникација со државните институции. Државна институција или Министерство ќе закаже состанок, состанокот ќе се одржи, ние ќе ги кажеме нашите размислувања, но работата ќе продолжи онака како што е примарно замислена од Министерството или институцијата и оди со објаснување дека „за ова е разговарано со Комората“. Всушност, тоа мора да се замени со „ова е усогласено или не е усогласено со Комората“. Владата ќе носи одлуки како смета, но ако влегуваме во размена на аргументација, убаво би било аргументите да бидат соодветно третирани - истакна Јовановски.
Тој укажа и дека бизнис заедницата бара респонзивност, посочувајќи го притоа како пример законот за заштита на потрошувачи во кој, како што рече, има многу нејасностии.
– Испративме допис до премиерот и до министерот за економија. Очекуваме одговор. Бизнисот сака да работ согласно законите, но има потреба нејасното да се разјасни - подвлече советникот во Комората.
Јовановски се осврна и на најавеното зголемување на минималните плати.
– Минималната плата ќе се зголеми, но не е прашањето дали компаниите може да се справат со трошокот од зголемување на минималната плата, туку кога ќе се покачи минималната плата се набива структурата на плати во фирмите и целата таа структура мора да се подигне нагоре - укажа Јовановски.
Конференцијата, која ја организира Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања на Стопанската комора, ја отворија премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Советот Глигор Бишев, а преку видео се обрати и претседателот на комората, Бранко Азески.
Премиерот Ковачевски посочи дека кризата и ќе ја преживееме и ќе ја надминеме само со заедничка работа, поддршка на најранливите категории граѓани, зачувување на работните места и задржување на ликвидноста на компаниите. Тој посочи дека бизнис заедницата во Владата има сериозен партнер и оти низ заеднички дијалог секогаш се бараат решенијата.
- Владата е партнер на деловната заедница бидејќи заедничка цел ни е да создаваме подoбри услови за граѓаните, ликвидни и брзорастечки компании, подобро платени работни места, а со тоа и подобар животен стандард за сите во државата - порача Ковачевски.
Претседателот Азески во видео обраќањето пак кажа дека редоследот за расчистување на работите, се функционирањето на правната држава, односот меѓу капиталот и трудот, како и создавање заедничка стратегија која ќе го поттикне извозот.
Тој им порача на политичките елити да размислат сериозно за прифаќање на Декларацијата што ја издаде Комората во која се бара во наредните 10 години фокусот да се стави на економијата, а историјата да се врати на историчарите.
Претседателот на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања Глигор Бишев, од своја страна порача дека во тековните услови и предизвици бараат мудри и добро осмислени економски политики. Политики, како што рече, што на краток рок ќе ја стават инфлацијата под контрола без да се поткопаат долгорочниот капацитет за економски раст и трансформација на економијата.
- Кажано со микроекономски јазик, да се собори инфлацијата, а истовремено да се одржат компаниите во кондиција, да инвестираат, да воведуваат нови иновации и технологии, да одговорат предизвиците на новото време - рече Бишев.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, кој беше еден од панелистите посочи дека во 2023 година ќе продолжиме со конзистентните политики зашто пред нас повторно е година со предизвици.
- Новата 2023 година ќе биде продолжение на предизвиците со кои веќе четврта година по ред се соочуваме. После ковидот беше најавено дека ќе живееме во една нова нормала, а тоа е да се креира раст во време на кризи. Глобалните проекции има ревидирање надоле за глобалната економија во 2023 година, а ние и во овие услови проектираме дека ќе има повисок раст од 2022 година - рече Бесими.
Нагласи дека растот во 2022 година беше 2,7, а за годинава се планира раст од 2,9 отсто.
- Како мала економија ќе се соочиме со предизвиците на нашиот најголем трговски партнер кој има забавен раст. Мора да се фокусираме и на домашната побарувачка за одржување стабилност на цените. Планираме фискална консолидација што значи дефицитот од 8,2 на среден рок да се сведе на 3 отсто, а јавниот долг на 60 отсто од БДП - посочи Бесими.
Главната порака кон инвеститорите и приватниот сектор, како што рече, е создавање кредибилни политики.
- Не можеме како мала економија да влијаеме што ќе се случи во глобалната економија и светскиот пазар, но можеме да имаме конзистентни наши политики – тесна соработка со приватниот сектор. Да испратиме порака дека сме определени на менаџирање на очекувањата, пред се цените - потенцира Бесими.
Нагласи дека јасно се определени соодветно да се менаџираат цените и додаде дека имаме драстично намалување на непродуктивните расходи, а како што рече, во 2022 година на стопанството му се вратени за 210 милиони евра повеќе отколку во 2021 година.
