Јовановиќ: Потребна е темелна даночна реформа!
Бранимир Јовановиќ, економски истражувач, вели дека предлогот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, што излезе вчера е многу подобар од моменталната ситуација. Но, сепак потенцира дека тоа е само едно закрпување на дупките направени од лошиот даночен систем, кој ги фаворизира побогатите.
„Суштинските проблеми кои ги генерираат симптомите кои сега излегуваат на површина нема да се решат со оваа закрпа. Богатите и понатаму нема да плаќаат повеќе (како %) од сиромашните. Само ќе се изедначат, кај приходите од плата и од хонорари (бидејќи се предлага укинување на максималната основица). Не и кај другите приходи (од капитална добивка, камата и сл.), кои се значаен дел од нивните приходи (http://goo.gl/zZAgzT), и на кои и понатаму ќе се плаќа само персонален данок. Значи, богатите сè уште ќе плаќаат помалку давачки (како % од нивниот доход) од сиромашните, вели Јовановиќ.
Според него, со овој предлог, всушност, товарот од потребата да се пополни дупката во фондовите малку се префрла од сиромашните накај побогатите, ама сепак не паѓа врз грбот на најбогатите.
„Затоа, предлогов не е доволно добар. Р ешението е едноставно. Треба да се адресира проблемот, а тоа е – лошиот даночен систем. Потребна е темелна даночна реформа, чиј главен составен дел ќе биде прогресивен персонален данок, додава Јовановиќ.
Што предвидуваат новите измени?
Вработените и пензионерите нема да плаќаат придонеси доколку остваруваат дополнителни приходи на месечно ниво по основ на договор на дело, авторски договор или друг вид на договор, помали од износот на просечната нето плата исплатена воземјава во претходната година согласно податоците на Државниот завод за статистика, а која сега изнесува околу 21.300 денари.
„Овие лица ќе плаќаат придонеси само на износот кој го надминува овој праг од 21.300 денари. Односно, доколку вработено лице или пензионер оствари дополнителен приход од 27.00 денари, ќе плати придонеси само за разликата до просечната плата, односно придонеси ќе плати само за сумата (разликата) од 5.700 денари, стои во објаснувањето испратено до ВМРО-ДПМНЕ.
Додека пак, невработените лица, кои добиваат пари, имаат по основ на договор за дело, авторски договор или друг вид на договор, се ослободени од обврската за плаќање на придонеси до износот на минималната плата утврдена со закон, која сега изнесува 9.590 денари.
„Овие лица ќе плаќаат придонеси само на износот кој го надминува овој праг од 9.590 денари. Односно, доколку невработено лице оствари дополнителен приход по еден од овие основи од 15.000 денари, ќе плати придонеси само на сумата над минималната плата, односно придонеси ќе плати само за сумата (разликата) од 5.410 денари. Ова е со цел да се заштитат интересите на лицата кои до сега се ангажираа по некој од овие основи, но на кои не им се плаќа пензиско и здравствено осигурување, појаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Слично
