Економија, финансии, бизнис

Контакт

Јованов од КПМГ: Прашањето е дали прагот за ДДВ од 1 милион ги оправдува поврзаните трошоци

Јованов од КПМГ: Прашањето е дали прагот за ДДВ од 1 милион ги оправдува поврзаните трошоци

Физичките лица кои во 2017 година оствариле приходи од над 1 милион денари ќе мора да се регистрираат како ДДВ обврзници за што рокот помина па веќе има стравувања од можни казни, како и силен јавен притисок овие одредби од законот да се променат. Да потсетиме дека во речиси истиот период лани се покрена голема дебата од страна на академската фела како и даночните експерти кои потенцираа дека одредбите не се доволно прецизно утврдени што генерира правна несигурност, а дел од физичките лица се ставаат во подредена положба. Сега, повторно има иницијатива за законски измени или барем враќање на прагот од 1 на 2 милиони денари бидејќи вака се дестимулираат физичките лица кои генерираат приходи по различни основи, а немаат регистрирано редовни фирми бидејќи претежно добиваат средства врз база на авторски договори. За став го побаравме даночниот експерт Коце Јованов кој е Постар менаџер во КПМГ во Македонија, компанија која нуди ревизорски, консултантски и сметководствени услуги.

Фактор: Дали прагот за регистрација на физички лица со годишен приход од 1 милион денари треба да се врати повторно на 1,3 или на 2 милиони денари?

Јованов: Одговорот зависи од анализата на трошоците и користите од различните прагови за регистрација, каде како трошоци треба да се земат трошоците на даночниот обврзник за усогласување со легислативата, како и трошоците на даночниот орган за администрација на ново-регистрираните даночни обврзници, споредени со дополнителните приходи за буџетот.

Тука дополнителните приходи треба да се разгледуваат како нето износ, со оглед на тоа дека во голем дел од случаите кога купувачи се ДДВ регистрирани даночни обврзници, истите би имале право на поврат на ДДВ искажан од ново-регистрираните добавувачи, што гледано заедно не носи дополнителни приходи за државата. Како пример, ако едно физичко лице е регистрирано за ДДВ, на неговиот купувач ќе му издава фактури кои ќе имаат ДДВ. Купувачот, е должен да му ја плати вкупната фактура, а физичкото лице е должно износот на ДДВ кој е дел од таа фактура да и го пренесе на државата. Доколку купувачот е регистриран за ДДВ, веројатно е дека ќе има право на одбивка на истиот тој данок и државата ќе треба да му го врати тој износ. Во тој случај државата ефективно нема дополнителен приход.

Ова беше причината што беше наведена од Министерството за финансии кога во 2010 година беше зголемен прагот за регистрација од 1,3 милиони на 2 милиони денари. Од друга страна, во 2014 година, Mинистерството го спушта прагот повторно од 2 милиони на 1 милион денари, тогаш со образложение дека со новиот праг ќе се придонесе за намалување на бројот на субјектите кои не пресметуваат ДДВ, а чија дејност овозможува повисока додадена вредност (услужните дејности) и дека се очекува со тоа да се обезбеди зголемување на лојалната конкуренција на пазарот.

Исто така, во анализата треба да се земе во предвид и ефектот од останати можни екстерналии, како засилување на стимулацијата за избегнување на даночните обврски, ефектот на сивата економија, итн.

Според тоа, без увид во резултатите од една таква анализа која би покажала дали дополнителните приходи за државата се поголеми од трошоците за администрирање на новите даночни обврзници, тешко е да се тврди дали сегашниот праг е пренизок или не. Од друга страна, тоа што може да се каже е дека споредено со останатите земји во регионот, Македонија во моментот има еден од најниските прагови за регистрација за ДДВ.

Фактор: Македонската јавност повторно се разбранува со наложувањето за регистрација на физичките лица како ДДВ обврзници што се смета како еден вид на двојно оданочување, бидејќи во пресметките за даночната основа влегува и платениот данок на доход од 10%?

Јованов: Не може да се тврди дека регистрацијата за ДДВ води до двојно оданочување бидејќи физичките лица од една страна би плаќале персонален данок, кој е данок на доход и е на терет на даночниот обврзник кој го врши прометот, а од друга страна ДДВ, кој е данок на промет и го плаќа купувачот кој се јавува на другиот крај на прометот, а кај истиот се јавува како ефективен даночен товар кога прометот е за крајна потрошувачка. Сепак, во пракса данокот на додадената вредност може да резултира со намалување на нето износот на приходите на физичките лица кои ќе бидат обврзани да пресметуваат ДДВ за нивните услуги, доколку тие нема да можат да договорат со нивните купувачи цената за нивните услуги да биде зголемена за данокот. Во случаите кога нивните купувачи се исто така даночни обврзници регистирани за ДДВ, купувачите би имале право на одбивка на таквиот ДДВ како претходен данок, и дополнителниот данок не би требало да доведе до зголемување на нивните трошоци. Од друга страна, кога како купувачи на ново-регистрираните физички лица се правни или физички лица кои не се регистрирани за ДДВ, дискутабилно е дали тие би прифатиле зголемување на цената за данокот на додадената вредност, бидејќи истиот ефективно ќе го зголеми нивниот трошок.

Фактор: Какви се предизвиците и обврските потоа за физичките лица кои ќе се регистрираат како ДДВ обврзници, дали за нив може да се реализира поврат на ДДВ бидејќи има големи забуни кога се во прашање влезните фактури?

Јованов: Согласно со Законот за ДДВ, регистрираните даночни обврзници (без разлика дали се физички или правни лица) имаат право на користење на претходниот данок за одбивање согласно условите наведени во законот. Сепак, кога се во прашање регистрирани физички лица, може да се очекува дека истите ќе имаат практични проблеми при остварување на оваа право, пред се поради недостаток на доволно обработена регулатива за нивните случаи, ниту пак развиена пракса. На пример, во такви случаи доста е веројатно дека одредена влезна фактура ќе се користи како за деловни цели, така и за лични цели, и во тој случај потребни се јасни дополнителни насоки како тоа лице ќе определи на кој износ од влезниот данок има право на одбивка. Без такви дополнителни насоки, моменталните правила и пракса покажуваат дека определувањето на користење на претходниот данок се третира доста ригидно, што може да доведе до практични проблеми кога станува збор за физички лица регистрирани за ДДВ.

Фактор: Исто така проблематично е да се дефинира што е стопанска дејност кај физичките лица, особено кај тие кои се хонорарци, па дали се ставаат во неповолна положба во однос на тие кои се во постојан работен однос и на правните лица, односно дека за нив поисплатливо би било да регистрираат компанија?

Јованов: Моменталното упатство за ДДВ дава насоки за тоа кои критериуми треба да се разгледуваат кога се определува дали некој самостојно врши стопанска дејност или не. Таму е наведено дека треба да се разгледуваат карактеристики како „планско повторување на одредена дејност, интензитет на делување (вршење на повеќе од еден промет), настапување спрема трети лица“, итн. Според тоа не треба да се гледа само називот на приходот (на пример приход од хонорар), туку целата фактичка состојба кај секое посебно лице. А во врска со тоа дали физичките лица се во понеповолна положба споредено со правните лица, доколку се овозможат механизми за поврат на претходниот данок за физичките лица, како што е наведено во одговорот на претходното прашање, не би требало да постојат разлики од аспект на ДДВ во поглед на тоа дали еден даночен обврзник е физичко лице или компанија.

Фактор: Дали со начинот на кој се спроведува оваа мерка се овозможува даночна евазија?

Јованов: Во даночната теорија, една ново воведена даночна обврска носи ризик да доведе до стимулирање на даночната евазија доколку даночните обврзници определат дека користа од избегнување на одредена даночна обврска е поголема од потенцијалните последици од истата. Според тоа, таквата стимулација може да се намали преку одредени мерки како нејзино пофлексибилно воведување, како на пример, давање на одреден рок пред некои нови обврски да се применат, неказнување на одредени прекршоци во почетокот на нејзината имплементација, поголема кооперација од страна на даночните власти во поглед на едукација и решавање на потенцијалните дилеми и грешки, избегнување на ретроактивна примена, итн.

Автор: Христијан Станоевиќ

Слично

Поврзани вести