Јосиповиќ во Македонија: Потребен е консензус во грчко-македонскиот спор
Хрватска ја призна Македонија под уставното име и ја поддржува во евроинтеграциските процеси, порача хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ кој денеска пристигна во посета на земјава и се сретна со својот македонски колега Ѓорѓе Иванов. Сепак запрашан за тоа како Хрватска, која сега е полноправна членка на ЕУ, ќе настапи во однос на прашањето за Македонија на декемврискиот самит, Јосиповиќ рече дека и Хрватска ќе се однесува во полза на договорот кој ќе го постигнат Македонија и Грција.
„Со оглед на тоа како функцинираат НАТО и ЕУ секогаш е потребно да се најде консензус. Со оглед на тоа ние го поттикнуваме консензусот и ќе го поддржиме секое решение кое и оди во прилог на Македонија. Секако ние имаме многу добри односи и со Грција и сигорно и такви ќе останат и можеби е тука всушност добра позцијата на Хрватска со пријателски односи и со Грција и со Македонија климата на договарање да ја направи поволна“, забележа Јосиповиќ.
Според Иванов пак, земјава останува конструктивна во процесот на преговорите за спорот со името, но не даде одговор дали посредникот Метју Нимиц кој најави посета на земјава, доаѓа со конкретен предлог.
„Нашата страна е постојано конструктивна. Ние постојано разговараме за сите негови идеи и даваме свој конкретен придонес. Така што ако го видите нивото кој се го прима во Македонија господинот Нимиц, а кој во Грција можете да видите кој е заинтересиран да се дојде до решение“, изјави Иванов.
Јосиповиќ допатува во дводневна официјална посета на земјава, а има најавено средби и со собранискиот спикер Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, како и со претставници на пратеничките групи и претставници на хрватската заедница во Македонија. По посетата на Македонија, хрватскиот претседател заминува за Косово.
Слично
