Јолевски:Придонесуваме за безбедноста на континентот, заслужуваме да бидеме членка на НАТО
Министерот за одбрана, Зоран Јолевски во неодамнешното интервју за влијателниот регионален портал Balkan Defense, зборуваше за влијанието на Македонија во регионалната безбедност и дваесет годишниот процес на Македонија за членство во НАТО.
Јолевски вели дека полноправното членство на Македонија во НАТО и ЕУ е клучен приоритет на Владата на Република Македонија и дека тоа ќе придонесе кон поголема стабилност и безбедност во регионот и пошироко. Јолевски вели дека справувањето на земјата со мигрантската криза е уште еден аргумент зошто Македонија заслужува покана за во НАТО.
„Македонија ја чува Шенген зоната и европската граница, но не нѝ е дозволено да бидеме дел од НАТО и ЕУ. Членството во овие организации не значи само права туку и обврски. Ние покажавме дека сме спремни да ги исполниме тие обврски. Ние придонесуваме кон безбедноста на европскиот континент, придонесуваме кон справувањето со мигрантскиот проблем, но не можеме да ги уживаме предностите од Евро-Атлантските структури. НАТО и ЕУ даваат голема поддршка за Македонија, но ние заслужуваме да станеме целосни членови во овие организации“- рече министерот.
Додава дека Македонија е подготвена да стане дел од НАТО и ги исполнува сите критериуми за влез.
Тој во интервјуто кажа дека цел на државата е уште повеќе да ја подобри армијата.
