Јолевски: Нема најави за разместување ракетни штитови во земјава
НАТО Алијансата до сега не поднела никакви барања до земјава за разместување на воени инсталации и ракетни штитови имајќи ја предвид кризата во Украина и нескриената определба на Република Македонија дека својата иднина ја гледа како членка на НАТО и ЕУ, тврди министерот за одбрана Зоран Јолевски.
Тој, во интервју за Македонското Радио – Радио Скопје, нагласи дека земјата и понатаму продолжува со напорите за приближување до Алијансата и исполнување на сите критериуми потребни за членство во неа како и со презентација на десега достигнатото, на реформите, со што и понатаму ја потврдува својата цврста определба за своите идни насоки.
„До сега нема никакви барања од страна на НАТО Алијансата за разместување на инсталации на ракетни штитови на територијата на Република Македонија. Битно е тука да се истакне дека Република Македонија својата иднина ја гледа како членка на евро-атлантските интеграции односно структури, како членка на НАТО и Европската унија“, нагласува Јолевски.
Министерот за одбрана потенцираше дека Македонија како суверена држава паралелно развива соработка и со други земји каде што постои заемен интерес за билатерална соработка. Меѓу нив ги вброи и Руската Федерација, Украина, Полска, Народна Република Кина и многу други земји.
„Членството на Република Македонија во НАТО ќе придонесе не само за зајакнување на стабилноста на Република Македонија, туку и за зајакнување на стабилноста и во регионот и во Европа пошироко“, истакнува министерот за одбрана.
Јолевски потенцира дека дури и да биде членка на НАТО, Македонија треба перманентно да ги подготвува своите вооружени сили за да бидат целосно интер-операбилни со државите членки на НАТО, и да ги исполнат сите НАТО стандарди. Според него еден од најлесните и најдобрите инструменти за одржување на оваа кондиција и подготвеност на Армијата е нејзино учество во заеднички меѓународни мисии со НАТО членките.
Слично
