Економија, финансии, бизнис

Контакт

Јолевски ќе си каже кој да го замени во разговорите за името

Јолевски ќе си каже кој да го замени во разговорите за името

„Ќе видиме“ - вака кратко одговори премиерот Никола Груевски на прашањето кој ќе биде новиот претставник на Македонија во разговорите за разликите околу името со Грција, откако досегашниот преговарач, амбасадорот Зоран Јолевски беше предложен да стане нов министер за одбрана.

Се очекувало Јолевски да се врати во земјава, по што ќе седнеле заедно со Груевски и ќе разговарале за да дојдат до заедничко решение - кој да ја преземе значајната функција во дијалогот со Атина.

Како една од можните опции се најавува новиот амбасадор на Македонија во Вашингтон, поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски, но ваквата опција засега никој не ја потврдува во државниот врв.

Груевски истакнува дека најважно е што Македонија како и секогаш во целост е подготвена да се изнајде решение за прашањето со името кое ги блокира нејзините евроатлантски интеграции.

„Но, како што знаете, тоа ние не можеме сами да го решиме - има и втора страна. Без нејзина подготвеност, прашањето е невозможно било кој да го реши. Сепак, не навлегувајќи во внатрешните работи на нашиот сосед, дали ќе има или ќе нема предвремени избори, ние остануваме на ставот дека сакаме решение и ќе направиме се што е во наша моќ тоа да го имаме“, вели Груевски.

И од Кабинетот на шефот на државата Ѓорге Иванов велат дека државниот врв дополнително ќе се координира за тоа кому да му ја довери важната позиција во разговорите за разликите околу името.

Слично

Поврзани вести