Јоханес Хан доаѓа во регионот, ама со Македонците се среќава во Брисел!
Новиот комесар на Европската унија надлежен за соседската политика и преговорите за проширување Јоханес Хан доаѓа во посета на Балканот. На 20 ноември тој ќе го посети Белград, а на 21-ви Подгорица, објави Европската комисија.
Ова ќе биде прва посета на еврокомесарот Хан на регионот, јавуваат медиумите во Србија и Црна Гора. Според црногорскиот дневен весник „Вијести“ посетата на Хан е дел од неговиот план на почеток на мандатот да ги посети сите земји од западен Балкан и да даде знак дека преговорите за проширување и натаму се подеднакво приоритетни како и порано, односно дека европската перспектива на овие земји е реална.
Сепак, во агендата на посетата засега ја нема Македонија. Од Кабинетот на Хан за Фактор потврдија дека засега нема намера еврокомесарот да доаѓа во Скопје, но посочија дека тој веќе следната недела во Брисел ќе се сретне со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.
Тоа практично ќе биде прва средба на новиот еврокомесар надлежен за проширување со еден министер од земја-кандидат за членство во ЕУ.
Јоханес Хан ја презеде новата должност на први ноември од досегашниот еврокомесар за проширување Штефан Филе. Сепак, неговиот мандат е малку изменет, па освен проширувањето го вклучува и соседството на Европската унија.
„ЕУ е посилна со блиските партнери - се радувам на соработката со соседите од југот и истокот и со земјите во процесот на проширување веќе од денеска“, напиша Хан на Твитер веднаш по преземањето на должноста.
Сепак, овој состав на Европската комисија веќе најави дека проширувањето нема да годржи толку високо на агендата, односно дека во мандатот на оваа Европска комисија нема да има прием на нови земји-членки во ЕУ.
Б.А.
Слично
