Економија, финансии, бизнис

Контакт

Јоханес Хајндл доаѓа во Скопје-Стартува германската булдожер дипломатија

Јоханес Хајндл доаѓа во Скопје-Стартува германската булдожер дипломатија

Германскиот специјален претставник Јоханес Хајндл во Скопје ќе  допатува многу скоро, веројатно овој викенд  или најдоцна на почетокот на наредната недела за кога се очекува тој да има интензивни средби со лидерите на четирите најголеми партии, дознава  Фактор од дипломатски извори.

Според наши сознанија германскиот  дипломат кој во следниот период  ќе посредува во  надминување на длабоката политичка криза  добил  јасни  инструкции  и насоки од  владата во  Берлин како да  дејствува.

Дејан Ѓоршовски, кој  беше дел од Делегацијата на ЕУ во Скопје,  а во 2009 година Владата на Никола Груевски  го назначи за специјален претставник  на Македонија во  Брисел  вели дека Германија најдиректно се вклучува  во надминување  на  политичката криза,  поради недостигот на заедничко ЕУ решение .

„Германија преку фондацијата Конрад Аденауер и помагаше на ВМРО ДПМНЕ да дојде на власт. Сега се обидуваат да ја корегираат грешката. Мислам дека несреќната изјава на претседателот Ѓорге Иванов за бегалците,  која беше  во спротивност со  ставот на Канцеларката Ангела Меркел  ја прелеа чашата. Сепак сметам дека  не треба да се очекува дека брзо ќе биде пронајдено решение за излезе од политичката криза, но од некаде мора да се почне. Специјални претставници се испраќаат кога треба да се завршат клучни работи  како што тоа беше случај кога Владата ме именуваше за специјален претставник  за да ја добиме визната либерализација и првата препорака за преговори  со ЕУ во 2009 година“ , објаснува за Фактор Дејан Ѓоршовски.

Изборот на Јоханес Хајндл за специјален пратеник ни малку не е случаен.  Според  дипломатски извори, станува збор за амбасадор со одлично познавање на состојбите во регинот. За  неговиот ангажман  поддршка дала и шефицата за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини.

„Македонскиот центар за европско образование долго време аргументиравме дека неколку од највлијателните држави-членки треба да преземат поголема улога во разрешувањето на политичката криза, ова е точно чекор во таа насока. Откако се создаде перцепцијата за негова неконзистентност и не придржување кон европските темелни вредности, а државите членки во многу наврати наназад го дополнуваа комесарот Хан и ги дообјаснуваа неговите изјави, мислам дека им станува јасно дека нема да може да се работи според т.н. softly-softly приод, туку мора да има енергични и прецизни преговори со точно утврдени рокови и резултати. Германија е во многу случаи лидерот во кој сите гледаат за пример, а канцеларката Меркел е главниот чувар на европските вредности. Оттаму, очекувано беше ова да биде германски специјален претставник, но јас не би ја отфрлил идејата дека ова е координирана активност на министерот Штајнмаер на ниво на партнери од НАТО и ОБСЕ.  Ова може да биде координирана акција со САД и секретарот Кери“ , оценува Андреја Стојановски од МЦЕО .

Според консултирнаите германскиот дипломат Хајндл нема да биде ниту приближно исто како она на Ален Ле Роа или Франсоа Леотар. Последните беа специјални претставници на Советот на ЕУ именувани преку тогашниот генерален секретар Хавиер Солана, односно од ЕУ, овој пат именувањето е од Сојузна Република Германија како индивидуално посредништво.

Во очекување на доаѓањето на  Хајндл во земјава,  амбасадорите на САД и ЕУ  Џес Бејли и Аиво Орав  се обидуваат преку одвоени средби  со  потписници на договорот од Пржино  да го подготват теренот  за излез од политичкиот ќорсокак. Како минува времето така станува  јасно дека одржувањето на избори на 5 ти јуни е невозможнo .

Фактот што до овој момент ниту една од партиите немаат поднесено  листа на кандидати за пратеници  до ДИК  исто така може да се толкува како сигнал дека ќе има и второ поместување  изборите,  овој пат  без да се одредува  датум кога тие би се одржале.   Доколку ВМРО ДПМНЕ  опстои на ставот  по секоја цена да се оди на  избори, тогаш постои реален ризик тие да не бидат меѓународно признати .

Берлин, Брисел и Вашингтон се надеваат дека  македонскиот претседател   Ѓорге Иванов  ќе најде начин да ја повлече одлуката за аболиција  за која остро беше критикуван,  во спротивно санкциите кон Македонија би можеле да бидат активирани .

Горазд Чомовски
Слично

Поврзани вести