Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЈО ДОНЕСЕ ОДЛУКА: Алачки нема да одговара, отфрлена кривичната пријава!

ЈО ДОНЕСЕ ОДЛУКА: Алачки нема да одговара, отфрлена кривичната пријава!

Андријана Алачки нема да одговара за сообраќајната несреќа во којашто со својот автомобил „ауди“ прегази седумдесет и четиригoдишен пешак. Oва е одлуката која ја донесе Обвинителството.

По прибирање на сите материјални докази и факти и по исцрпно разгледување и анализа, надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе јавнообвинителска одлука – Решение за отфрлање на кривичната пријава.

Имено за предметната сообраќајна незгода случена на ул. Рузвелтова, при што едно лице го загуби животот, од страна на Министерството за внатрешни работи беше доставена кривична пријава против едно лице за сторено кривично дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

„Во текот на постапката од страна на одбраната беа доставени две вештачења, согласно кои кај осомничената не постои вина за настанување на незгодата. Со цел правилно утврдување на фактичката состојба, од страна на Основното јавно обвинителство Скопје со наредба е наложено ново вештачење, согласно кое возачот не направил пропусти, а пешакот е тој кој има направено пропусти кои се причинско последично поврзани со настанување на незгодата. Од страна на оштетените – законски застапници на сега починатото лице, доставено беше вештачење кое по наодот и мислењето се разликуваше од другите вештачења.

Со цел разјаснување на контрадикторностите, а во насока на утврдување на фактите во предметот, надлежниот јавен обвинител издаде уште една наредба за вештачење, по што списите од предметот беа доставени до Бирото за судски вештачења на тим од вешти лица од областа на сообраќајот.

Согласно вештиот наод и мислење на тимот од вешти лица при Бирото за судски вештачења произлегува дека возачот во конкретната ситуација реагирал соодветно на дадената ситуација. Имено, во околностите кои се создале со неправилното и невнимателно преминување на пешакот преку коловозот надвор од пешачки премин, возачот немал техничка можност да ја избегне незгодата. Тимот од вешти лица констатира дека опасната ситуација ја создал пешакот, а возачот немал никаква техничка можност за избегнување на незгодата.

Со добиеното вешташење од тимот вешти лица од Бирото за судски вештачења се потврдија наодите од предходните вештачења, со што јавниот обвинител не поклони верба на заклучоците дадени во вештиот наод и мислење доставен од оштетените, бидејќи истите се спротивни со заклучоците на сите останати вешти лица.

Со оглед на фактот дека возачот – осомниченото лице во целост постапило согласно сообраќајните правила и прописи, јавниот обвинител утврди дека во дејствијата на осомниченото лице нема елементи на кривично дело што се гони по службена должност“, стои во соопштението на Обвинителството.

Да се потсетиме...

Сообраќајката се случи во октомври минатата година на улицата „Франклин Рузвелт“, поточно во близина на крстосницата со улицата "Руѓер Бошковиќ" во скопската населба Карпош. Андријана Алачки (47) од Скопје со својот автомобил "ауди" со скопски регистарски таблички удрила во скопјанецот Киро Деловски (76). Деловски од ударот се здобил со тешки телесни повреди, поради што со возило на Брза помош бил пренесен на скопските клиники, каде што и покрај напорите на лекарите, по околу два часа починал.

Слично

Поврзани вести