Со нов Закон, заемот на државата од ЕБОР, стана долг на Јавното претпријатие за патишта
Близу 16 милиони евра изнесува долгот на Јавното претпријатие за патишта кон Европската банка за обнова и развој. Станува збор за заем на државата со цел модернизација на патарините долж Коридорот 10, а кој со трансформирањето на Агенцијата за патишта во Јавно претпријатие, станаа обврска на претпријатието.
Дел од заемот од 107 милиони евра кој минатата година ЕБОР и го одобри на Македонија за изградба на автопатот Демир Капија-Смоквица, ќе стане долг на Јавното претпријатие за државни патишта. Со новиот Закон за префрлање на обврските, вкупно 16 милиони евра кои беа наменети за воспоставување електронски систем за наплата на патарината ќе бидат на товар на Јавното претпријатие и ќе треба да се плаќаат веќе од идната година.
Според предог Законот, државата ќе има улога на гарант во случај Јавното претријатие да не може да си ги плаќа обврските.
„Државата го гарантира намирувањето на обврските и исполнувањето на одредбите од договорот за заем кој ќе се склучи меѓу ЕБОР и ЈП за државни патишта за изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини долж Коридорот 10, во износ од 15.880.000 евра, во рокови и услови предвидени во договорот, доколку ЈП за државни патишта не ги исполнува и сервисира обврските од договорот. Заемот ќе биде доделен на ЈП за државни патишта со отплата на 12 години и грејс период од една година“, пишува во предлог Законот.
Кредитот тече, од електронска патарини се уште нема абер
Иако уште лани, директорот на Јавното претпријатие најави дека за најмногу две години патарините ќе функционираат со електронска наплата без човечки фактор, до денеска се уште не е избрана фирма која ќе ја спроведе модернизацијата. Неодамна претпријатието склучи двегодишен договор со универзитетот Св Кирил и Методиј, вреден 115 илјади евра, за одржување и надградба на постоечкиот, електронски систем за наплата на патарините. Во меѓувреме се распиша и јавен оглас за избор на униформи за вработените на наплатните рампи.
Инаку, тендер за избор на фирма изведувач на електронскиот систем е веќе распишан. Од шест пријавени фирми, според неофицијалните информации, најголеми шанси имал турско-шпански конзорциум кој понудил најдобри услови за реализирање на модернизација на патарините.
Доколку се избере фирма, според најавите, годинава се планира само пет од предвидените девет патарини на овој Коридор да добијат електронски систем за наплата- патарините кај Романовце, Петровец, Сопот, Отовица и кај Градско. Останатите четири патарини на делницата Табановце-Куманово, Неготино, Демир Капија и Гевгелија ќе почнат да се градат по 2017 гдоина, кога се очекува да заврши изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица, последната делница од Коридорот 10.
С.Н
Слично
