Јавното обвинителство со покана до меѓународни експерти за актуелните предмети
Преку интегрално соопштение Јавното обвинителство упати покана до органите на Европската Унија за испраќање на меѓународни експерти кои би биле во тек со работата на јавните обвинители по актуелните предмети.
„Јавното обвинителство има капацитет да се справи со сите предмети, но во насока на нашата транспарентност, како и со цел оневозможување на шпекулациите за работењето на јавните обвинители во предметите поврзани со актуелните случувања, доставиве официјална покана до органите на Европската Унија за испраќање на меѓународни експерти кои би биле во тек со работата на јавните обвинители по актуелните предмети“, стои во нивното официјално соопштение.
Понатаму во соопштението стои: „Во своето постапување јавното обвинителство доследно ги почитува законите на Република Македонија, ги почитува и заштитува слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти инволвирани во постапките.
Ваквата одлука е одраз на цврстиот став дека јавните обвинители доследно постапуваат согласно законите и дека јавноста нема причина за сомневање за нивното постапување. Овозможувањето меѓународни експерти да бидат во тек со работата по предметите е само поради целосна транспарентност при работењето и отстранување на евентуалните сомнежи во објективноста на нашето постапување.
Воедно веруваме дека ќе придонесеме кон градење на довербата во независното и самостојно постапување на јавното обвинителство“.
