Јавното обвинителство ја чека документацијата од Царовска по скандалот со пензиите
Јавното обвинителство ја чека документацијата од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, за да може да почне со истрагата по обелоденетиот скандал со непрефрлување на придонесите на голем број граѓани во вториот пензиски столб во последните десет години.
„Скопското јавно обвинителство за случувањата во ПИОМ се информираше од медиумите. Очекуваме Министерството за труд и социјална политика да достави релевантна документација, како што најави, за да ги провериме по службена должност тие наоди“, изјави за СДК.мк јавниот обвинител на Скопје Сашо Рајчев.
Финансиката истрага откри дека се опфатени 12.000 граѓани, а Владата сега ќе ги обештетува со посебно предвидени 19 милиони евра, односно по околу 400.000 денари за секој од нив.
Царовска рече дека „најтаргетирани“ биле помлчади работници, односно на возраст од 40-тина години.
Останува истрагата да покаже каде завршивале средствата. Во тој период директори на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) биле Исни Јакупи, Амет Даути, Беким Незири и Шаип Зенељи, додека министри за труд и социјална политика - Џељаљ Бајрами, Спиро Ристовски и Диме Спасов.
