Јавно претпријатие во Македонија со буџет од половина милијарда евра во 2022
Јавното претпријатие „Државни патишта“ во 2022 влегува со програмиран буџет од половина милијарда евра, според планираните приходи и приливи од странски кредити што ги објави во годишната програма.
Буџетот изнесува 30,6 милијарди денари, или 501,6 милиони евра, што е за 7,6 милијарди денари, односно за 122 милиони евра повеќе од ланскиот план за 2021.
„Државни патишта“ за оваа година ќе има пренесено салдо од милијарда денари што останале како непотрошени лани, а се очекува, покрај финансирањето од патарините и регистрациите, голема сума да се собере од нафтените деривати, со оглед на тоа што Владата одлучи процентот од акцизата што ќе биде наменет како приход за ова јавно претпријатие да се зголеми од 20 на 30 проценти.
Околу 218 милиони евра се очекуваат како пари од кредити од меѓународните кредитори, а интерсно е тоа што од кинеската Ексим Банка, која го финансира автопатот Охрид - Кичево, планирано е да се повлечат 82 милиони евра.
Оваа година во планот е најавена и директна помош од државниот буџет за 6 милијарди денари, односно околу 100 милиони евра. Овие пари ќе бидат наменети за изградба на Коридорот 8, односно автопатите Тетово - Гостивар - Букојчани и Требеништа - Струга - Ќафасан, како и автопатот Прилеп - Битола од Коридорот 10д. Овие проекти треба да ги започне конзорциумот Бехтел/Енка.
„Државни патишта“ очекува зголемување на наплатата од патарина, затоа што во првиот квартал од 2022 се очекува пуштање во употреба на две наплатни рампи на автопатот Миладиновци - Штип.
Претпријатието ќе му врати и 5 милиони евра на Министерствопто за финансии оваа година, кое во 84 месечни рати започна да го отплаќа репрограмираниот долг кој го наметна Ексим банка.
А.К.
