Јавните обвинителства на Македонија и Бугарија заедно ќе се борат против корупција
Јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски денес беше домаќин на својот бугарски колега Сотир Цацаров – Главен обвинител на Република Бугарија.
Двајцата обвинители на средбата ја истакнаа важноста на развојот на меѓусебната соработка и партнерство за прашањата од заеднички интерес, како и важноста од квалитативно унапредување и усовршување на носителите на јавнообвинителската функција .
Спогодбата е во согласност со легислативата на двете држави и преземените меѓународни обврски. Соработката се однесува на борбата против организираниот криминал, корупцијата, транснационалниот организиран криминал, трговијата со луѓе, нелегалната трговија со оружје, наркотични средства и психотропни супстанции, кривични дела во сферата на високата технологија, економски и стопански криминал и други видови на криминал кои претставуваат сериозна закана за општеството и соработка за прашања поврзани со екстрадиција, трансфер на осудени лица и правна помош за кривични предмети.
Водени од желбата за зајакнување и усовршување на јавно обвинителската работа, обвинителите се договорија и за остварување на соработка за подготовка и зголемување на квалификацијата на кадрите во јавното обвинителство, усовршување на организацијата, формите и методите на работа на јавното обвинителство и научно -истражувачка дејност за прашања од заеднички интерес преку размена на информации и искуство, размена на делегации, како и одржување на заеднички научни истражувања, семинари, експертски средби и консултации.
