Јавни набавки: Доминација на одредени фирми во тендерите!
Центарот за граѓански комуникации во најновиот квартален извештај од мониторингот на јавните набавки во земјава ги споредува цените по кои се купувани авионска дезинсекција на комарци, системи за електронска евиденција на работното време, контејнери за отпад, собирање, транспорт и уништување на медицински отпад и пилешки стек. Најголема разлика во цените е евидентирана во набавката на системите за електронска евиденција на работно време, а најмала кај контејнерите за отпад.
Индексот на рационалност изработен за нова група производи (систем за електронска евиденција на работното време, контејнери за отпад и пилешки стек) и услуги (авионска дезинсекција на комарци и собирање, транспoрт и уништување на медицински отпад) открива големи разлики во цените по кои институциите купуваат ист вид производи/услуги. Најголемата разлика во цената е евидентирана во набавката на системите за електронска евиденција на работно време, а најмала во контејнерите за отпад.
Сумарно, индексот на рационалност ги даде следните сознанија:
-авионската дезинсекција на комарци ги чинела институциите од 176 до 606 денари за еден хектар, со што највисоката цена е за дури 244% повисока од најниската;
-системите за електронска евиденција на работното време се купувани по цени кои се движат од 43.200 денари до 160.000 денари за еден систем, со што највисоката цена е за дури 270% повисока од најниската;
-контејнерите за отпад (метални 1,1 м3) се купувани по цени кои се движат од 12.383 до 18.502 денари, што значи дека највисоката цена е за 49% повисока од најниската;
-собирањето, транспoртот и уништувањето на медицински отпад ги чинело здравствените институции од 41 до 95 денари за килограм, со што највисоката цена платена за оваа услуга е за 132% поголема од најниската цена и
-пилешкиот стек е купуван по цени кои се движеле од 172 до 315 денари за килограм, со што највисоката цена е за 83% повисока од најниската.
Анализата на податоците направена во функција на изработка на индексот на рационалност за оваа група на производи и услуги открива два мошне сериозни проблеми во системот на јавни набавки на земјата. Првиот се однесува на доминација на одредени фирми во тендерите за одредени производи односно 22 услуги, а вториот на сознанието за негативните ефекти од планирањето на електронската аукција во услови на отсуство на конкуренција.
Неповолната доминација на одредени фирми е забележана во набавката на три од петте производи/услуги за кои е изработен индексот на рационалност, и тоа во набавките на авионската дезинсекција на комарци; во собирањето, транспoртот и уништувањето на медицински отпад, како и во набавките на пилешкиот стек. Во сите постапки за набавката на услугата за авионската дезинсекција понуда доставувал по само еден добавувач, а услугата ја нуделе само две фирми кои не си конкурирале меѓусебно. Притоа, пет од седумте договори за услугата за авионска дезинсекција се склучени со една иста фирма. Понатаму во постапките за набавка на услугата за собирањето, транспoртот и уништувањето на медицински отпад, иако имало конкуренција, сепак дури 10 од 12 институции вклучени во индексот ги склучиле договорите со една иста фирма.
Во однос на набавката на пилешки стек, пак, доминацијата на една фирма е забележана кај трите детски градинки од Карпош кои се вклучени во индексот на рационалност. Сите градинки добиле по една понуда, и тоа од ист добавувач, со кој потоа се склучени договорите. Притоа, токму цените по кои овие три градинки го купиле пилешкиот стек се највисоките во индексот на рационалност што доведува до вториот проблем споменат погоре, а тоа се негативните ефекти од планирањето на електронската аукција во услови на отсуство на конкуренција. Имено, во сите три постапки за набавка на пилешко место со тоа што имало по само еден понудувач постои ризик тој првично да понудил повисоки цени во очекување на планираната е-аукција. Оваа претпоставка секако се отсликува и во самите цени на пилешкиот стек во трите градинки од општина Карпош, кои се највисоки во однос на другите институции.
Покрај во набавките на пилешки стек, проблемот со неодржувањето е-аукции како начин за намалување на првично дадените цени е забележан и во набавките кои се вклучени во изработката на индексите на рационалност за 23 авионска дезинсекција на комарци и за електронска евиденција на работното време.
Во заклучоците од овој индекс секако значајно е да се нотира уште еднаш и констатираниот проблем во однос на набавките на услугата за авионска дезинсекција на комарци. Констатирано е дека Министерството за транспорт и врски ја набавувало оваа услуга за шест општини (Охрид, Дојран, Ресен, Чешиново Облешево, Крушево и Берово). Притоа, останува нејасно врз која законска основа Министерството за транспорт и врски ја набавувало оваа услуга за шесте општини и како е направен изборот токму на овие шест општини. Имајќи ги предвид констатираните проблеми, несомнено се наметнува потреба од поголема вклученост на надлежните институции (Бирото за јавни набавки, Државната комисија за спречување на корупцијата и Комисијата за заштита на конкуренцијата) во подобрувањето на состојбите во сферата на јавните набавки. Бирото за јавни набавки треба да вложи напори детално да ги согледа ефектите за задолжителноста на електронска аукција и да дефинира каде и во кои видови на набавки таа вродува со плод, а каде поттикнува нерационално трошење на јавни пари. Во согласност со овие сознанија, Бирото за јавни набавки треба да иницира измени на Законот за јавните набавки за напуштање на концептот на задолжителност на електронската аукција за сите тендери.
Државната комисија за спречување на корупцијата, од своја страна, треба да иницира натамошно преиспитување на податоците изнесени во индексот на рационалност утврдувајќи евентуални основи за постоење на корупција. Потребно е вклучување и на Комисијата за заштита на конкуренцијата со цел да се преиспита можноста за договарање на добавувачите при учество на тендерите.
