Јавни личности и инфлуенсери преку видеа ќе учествуваат во кампањата Дома си е дома
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот - во партнерство со Програма за зголемување на пазарната вработливост, поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка, подготвуваат кампања за промоција на домашниот туризам во Република Северна Македонија под насловот „Дома си е дома“. Дополнително, во поддршка на кампањата се приклучува и Амбасадата на Франција во земјава, соопшти Агенцијата за промоција на туризмот.
Целта на оваа кампања, како што велат, е да промовира различни дестинации и активности во државата како предлог за посета од страна на домашните туристи во претстојните сезони лето и есен 2020 година. Ова ќе придонесе за поддршка на домашните чинители во туризмот, како што се туроператори, сместувачки капацитети, ресторани, превозници итн., и поддршка на домашната економија, како одговор на кризата предизвикана од Ковид -19. Фокусот е на зголемување на домашниот туризам, односно зголемување на бројот на домашни туристи и остварени ноќевања.

Во рамки на кампањата ќе се изработат лого, билборди и 10 промотивни видеа. Видеата ќе ги претстават најзначајните туристички дестинации и локалитети, претставени преку конкретни активности и производи од активниот туризам, како што се планинарење, велосипедизам, параглајдинг, спортско качување итн., во комбинација со културни искуства, рурални предели и гастрономија.
„Промотивната маркетинг кампања под слоганот Дома си е дома ќе започне со емитување на повеќе канали за промоција на почетокот на јули, при што ќе се следат препораките од Владата, а ќе трае до крајот на тековната година. Во неа дополнително ќе бидат инволвирани сите засегнати субјекти за максимално ангажирање на домашните капацитети, атракции и дестинации, да им се понуди на домашните туристи подобрена туристичката понуда“, објаснуваат од Агенцијата.
За проектот АППТ ќе организира дополнителна промоција со јавни личности и инфлуенсери од различни сфери во општеството, кои поддршката ја даваат преку кратки видеа за социјални медиуми, во кои споделуваат најомилени дестинации и активности во земјава, користејќи го хаштагот #домасиедома.
„Дополнително, ги повикуваме за учество сите оние кои сакаат да споделат одредено искуство за активни спортови, гастрономија или едноставно одмор на некои од дестинациите низ државава“, велат од Агенцијата, додавајќи дека тоа може да се направи на нивната веб страница.
