Јанкулоска во солзи: Црн ден за македонската полиција
Драги Мицев од Струмица, Марјан Трајковиќ од Куманово, Тоде Орешков од Кавадарци и Иљо Лопатички од Битола - ова се четворицата пилоти во МВР што го загубија животот во катастрофалната хеликоптерска несреќа синоќа во Струмица.
„МВР се соочи со најцрните моменти од историјата. Загубивме четворица колеги кои знаеја и пружаа се за државата, останавме без најискусните и најдобри колеги“, рече министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска со солзи во очите.
Четворицата имале долгогодишно пилотско искуство. Мицев бил началник на воздухопловните сили на МВР, пилот со 34 години работен стаж, Трајковиќ бил пилот-капетан со работен стаж од 37 години, Орешков - воздухопловен инспектор за лиценцирање воздухопловен персонал и пилот кој летал веќе 36 години, Лопатички - командир-пилот со работен стаж од 36 години. Хеликоптерот со кој управувале бил произведен во 2008 година и опремен со потребната опрема за ноќно летање.
Синоќа летале на релација Скопје-Кавадарци-Валандово-Струмица-Берово-Делчево и обратно, но околу 22 часот хеликоптерот МИ-17 удрил во антенски столб на Македонската радиодифузија. Претходно пилотите не пријавиле никакви проблеми. Во синоќешниот увид биле обезбедени двете црни кутии на полицискиот хеликоптер, кои допрва ќе бидат анализирани за да се утврдат причините за катастрофата.
Во МВР веднаш е формирана комисија која ќе спроведе истрага за расветлување на несреќата.
Слично
