Јанкуловска на суд бара 10.000 евра од Шилегов
Отштета од 10 илјади евра за клевета бара министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска од портпаролот на СДСМ Петре Шилегов. Во Основниот суд - Скопје 2 денеска заврши распитот, на кој Јанкуловска не се појави.
Министерката за внатрешни работи го тужи Шилегов заради невистинити информации поврзани со нејзината имотна состојба. Тој во своја одбрана пред судот се бранеше дека само презентирал официјални податоци од државните институции.
„Жалам што Јанкуловска не се појави на денешното судење. Очигледно е дека ВМРО ДПМНЕ и неговите високи функционери бегаат од јавното соочување, па макр тоа да е и онаму каде што се заштитени - во судница“, изјави Шилегов.
За министерката за внатрешни работи Јанкуловска, ваквата изјава на Шилегов претставува притисок врз судот, кој на 28 февруари треба да ја донесе пресудата за овој случај.
„Јас го почитувам судот и верувам дека е компетентен и правичен и нема да си дозволам на никаков начин, надвор од судницата, да се мешам во неговото одлучување сè до донесувањето на пресудата“, изјави Јанкуловска преку соопштение.
Шилегов на пресконференција презентираше документи според кои Јанкуловска за становите вредни 200 илјади евра, подигнала кредит од Шпаркасе банка во вредност од 90 илјади евра во јануари 2012 година, а само за година и 9 месеци вратила 75 илјади евра со приходи од две административни плати.
Слично
