Јанкулоска загрижена заради регрутацијата на џихадисти од Балканот
Петнаесетина македонски државјани досега загинале во бробите на Блискиот Исток, како дел од радикалните џихадистички движења во Сирија и Ирак, вели министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на министерскиот форум за внатрешни работи и за правда ЕУ – Западен Балкан, што се одржува во Белград.
Заминувањето на македонски граѓани во Исламската држава или други џихадистички движења во овие земји првпат било регистрирано во 2012 година, а веќе е феномен кој загрижува.
„Државите сè повеќе се загрижени за својата безбедност од феноменот на странски терористички борци. Несомнено справувањето со овој проблем наметнува сеопфатен пристап, кој ќе обедини мерки за спречување на радикализацијата која води кон тероризам, пресекување на финансиската поддршка на терористичките организации, енергична борба против насилниот екстремизам, како и промовирање на политичка и верска толеранција“, рекла Јанкулоска.
Како мерки што ги презема Македонија за спречување на оваа појава, министерката ја навела Стратегијата за борба против тероризмот, назначувањето на национален координатор за борба против тероризмот, како и последните измени во Кривичниот законик со кои се казнува учеството во странски војски и други вооружени групи.
Слично
