Јанкулоска: МВР го заврши своето во истрагата за урнатиот полициски хеликоптер, на потег е Обвинителство
Активностите од увидот за несреќата на полицискиот хеликоптер кај Струмица, кои се ве надлежност на МВР, се завршени, потврди министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Според неа, истрагата сега е во рацете на Јавното обвинителство.
„Истрагата се одвива максимално професионално. Во интерес на истрагата не можам да соопштам повеќе детали, но во однос на процедурата се завршени сите првични дејства од увидот. Завршено е собирањето на материјалните докази, како и првичните вештачења по однос на основните параметри за летот на хеликоптерот, кои можат да се утврдат без преслушување на црните кутии, како и вештачење на трагите пронајдени на лице место“, вели Јанкулоска.
По наредба на јавниот обвинител, остатоците од полицискиот хеликоптер и од антената во која удри леталото непосредно пред падот, се чуваат на две посебни локации.
Според Јанкулоска, истрагата се одвива со очекуваната динамика, а во интерес на истражните дејствија засега не се открива дали 120-метарската антена во која удрил хеликоптерот била соодветно осветлена. Во хеликоптерската несреќа кај Струмица, која се случи на 10 јули, животот го загубија четворица пилоти на МВР.
Слично
