Јанкулоскa: За оружјето на службените лица ни треба посебен закон
Законските правила за поседување и ракување со службено оружје ќе се заоструваат, потврди министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Нормативните решенија ќе се однесуваат посебно на службеното оружје, затоа што Законот за оружје се однесува само на оружјето што е со приватна дозвола за поседување. Црвениот аларм на институциите го вклучија неколку последни инциденти во кои беше искористено токму службено оружје.
„Очекувам многу брзо сите институции, а ги има повеќе во државата каде што вработените ракуваат со оружје, да ги изанализираат интерните прописи и процедури, регулативата која ја регулира нивната работа и да се предложат решенија кои ќе значат дополнителна превентивна активност“, вели Јанкулоска.
Токму фактот што тројното убиство во Злетово извршено од професионален војник на АРМ било извршено со службено оружје го издвојува овој инцидент и тој не потпаѓа под мерките за превенција и нетолеранција на насилство што ги презема полицијата, појаснува министерката. За овој дел се потребни дополнителни прописи.
„Доколку вработен во МВР стори кривично дело со елементи на насилство или добиеме какви било сознанија или информациии дека заради било кои околности во неговиот приватен живот постои можност да стори кривично дело со елементи со насилство, тогаш вработениот подлежи на дисциплински мерки кои подразбираат негова суспензија и раздолжување со личната опрема и вооружување. Тоа значи дека тој нема да ракува со оружје се до завршување на таа постапка“, вели Јанкулоска.
Слично
