ЈАНЕВА ПОЧНУВА СО РАБОТА: Први на списокот Груевски и Мијалков
Специјалното обвинителство достави пет предмети со кои ќе почне да ја истражува аферата со прислушувањето. На списокот на специјалната јавна обвинителка, први на листата се најдоа фигури од политичкиот врв.
Катица Јанева достави листа од предмети кои ги опфаќаат како осомничени премиерот Груевски, неговиот братучед, екс директорот на УБК Мијалков, како и двајцата поранешни министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкуловска.
Во првиот предмет главен осомничен е Мијалков за примање поткуп и злоупотреба. Тој заедно со тогашната своја помошничка С.К. односно актуелната виша управна судијка Светлана Костова ќе бидат истражувани дали примиле поткуп при набавка на опрема од Израел.
Специјалната обвинителка го побара под нејзина надлежност да биде и случајот „Пуч” во кој меѓу обвинетите е и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
На листата на Јанева се најдоа и премиерот Груевски, екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, против кои СДСМ поднесе кривични пријави за фалсификување на исправи и за повреда на избирачко право.
Четвртиот предмет што го бара специјалното обвинителство е од Битола, кривичната пријава против градоначалникот Владо Талески за можни злоупотреби со тендер за превоз на ученици.
Петтиот предмет е од Куманово, каде адвокат Виктор Цветковски поднел тужба против СДСМ и против непознат сторител за нелегално следење на комуникации.
