Економија, финансии, бизнис

Контакт

Јане Ченто стана градежен инвеститор, на лагер веќе има десетина станови за продажба

Јане Ченто стана градежен инвеститор, на лагер веќе има десетина станови за продажба

Јане Ченто, правосилно осуден на 13 години затворска казна за нападот во Сообраниетo на 27 април 2017, стана сопственик на градежна фирма во Прилеп, која веќе поседува барем десетина стана.

Од 10 ноември Ченто станал содружник во правното лице „Арена Груп увоз-извоз Дооел Прилеп“. Фирмата „за изградба на станбени и нестанбени згради“ е регистрирана во 2022 и до крајот на 2024 работела со мали приходи, како и со обврски од 200.000 евра.

Почетни сопственици, според она што може да се обезбеди како информација од Централен регистар, биле Елдин, Есад и Елдина Хасановиќ од Лажани, општина Долнени, со речиси еднакви удели. 

Од она што од прва може да се добие ако се пребара е тоа дека „Арена Груп“ како инвеститор лани во јули добила одобрение за градење на станбена зграда од Градоначалникот на Прилеп во населбата „Димо Наредникот“ во близина на салонот на „Мебел Ви“, а за тоа биле известени и соседите.

Станува збор за две парцели од 500-тини метри квадратни на земјиште чиј носител на право е извесен Петко Ристески. Според податоците на Агенцијата за катастар на недвижности, „Арена Груп“ веќе поседува десетина стана од 70-тина метри квадратни и други придружни простории.

„Фактор“ пред десетина дена испрати прашања до Општина Прилеп за тоа дали има уште некое одобрение за градење доделено на ДППУ „Арена Груп“ ДОО Прилеп како инвеститор и во која фаза е изградбата на станбената зграда согласно Одобрението, но не добивме одговор од таму. Одговор засега нема ниту од Управата за извршување на санкции за тоа каков е моменталниот статус на Ченто како осудено лице.

Ченто пред две и пол години за првпат откако беше осуден доби слободен викенд, а лани во март присуствуваше на свечената конвенција на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје на која беше потврдена Гордана Силјановска - Давкова како кандидат за претседател.

Тој заедно со останатата група обвинети беше осуден за терористичко загрозување на уставниот поредок за инцидентите кои се случија во Собранието. За организаторите на овие настани се уште се води судскиот процес.

Александар Кузмановски

Слично

Поврзани вести