Јанчевски: Банките се за правење бизнис а не за водење политика!
„Функцијата на банките не е да прават политика туку бизнис. Во време на предолготраечка политичка криза ние правиме бизнис, ние сме платени да водиме банки и да водиме сметка за депозитите на граѓаните и фирмите.
Имаме свои деловни политики, акционери, регулатор кој води сметка за нашето работење така да се друго е дневна политика. Народната банка е одговорна за нас а не политичарите. Изјавата на опозицискиот лидер не ја перцепираме.“ - изјави денеска првиот човек на НЛБ Тутунска банка Ѓорѓи Јанчевски запрашан дали изјавата на Заев претставува некаква закана за работата на банката.
Банките ќе продолжат со потрошувачките кредити кај населението
И догодина банките ќе продолжат да одобруваат потрошувачки кредити бидејќи ситуацијата не е алармантна.
Ова го изјавија од НЛБ Тутунска банка содавајќи дека според официјалните податоци населението не е презадолжено, а се намалил и бројот на нефункционални кредити кај населението.
Љупчо Рајевски вели дека граѓаните не се толку задолжени како што е тоа во некои земји, па има простор да се одобруваат потошувачки кредити на населението.
Догодина каматите може да се намалат
Јанчевски очекува дека поради силната конкуренција во банкарскиот сектор би можело наскоро да дојде до натамошен пад на каматите на кредитите.
„Иако нема да има значајни промени кај пасивните каматни стапки сепак можни се некои минимални пореметување додека кај активните очекувам дека ќе има уште некое намалување затоа што има силна конкуренција во банкарскиот сектор а тоа се виде во последните години кога е забележано историско ниско ниво на каматни стапки“, вели тој посочувајќи го малиот пазар и силната конкуренција.
Долната граница на каматите ќе се движи во зависност од пазарот односно понудата и побарувачката.
Тутунска банка со добивка од 14,6 милиони евра
НЛБ Тутунска банка во 2014 година остварила добивка од 11 милиони евра, а за првите десет месеци од 2015 година добивката изнесува 14,6 милиони евра што ја прави Банката една од најпрофитабилните компании во земјава.
„Банката покажа исклучително висока стабилност во услови на зголемени ризици што се должи на долгогодишната стратегија на реален раст, современите системи на управување и професионална услуга која овозможува создавање на долгорочна деловна соработка со клиентите“, изјави Јанчевски.
Најдобра банка во Македонија за 2015 според „Тhe Banker“
„НЛБ Тутунска Банка“ по осми пат се закити со престижната награда Најдобра банка во Македонија за 2015 според угледниот финансиски магазин „Тhe Banker“.
Како што соопшти претседателот на УО на НЛБ Тутунска банка Ѓорѓи Јанчевски наградата се базира врз особениот успех во надминувањето на сите поставени предизвици, и согласно тоа постигнатите извонредни финансиски резултати.
Нови инвестиции
Продолжува инвестицискиот циклус на НЛБ Тутунска банка. За 2016 година е најавена поддршка за танбеното кредитирање на домаќинствата и проектите на микро, малите и средни претпријатија од сите стопански дејности.
Дополнително, Банката планира нови инвестиции за проширување на деловната мрежа и за надградба на електронските сервиси и софтвери, што ќе им овозможи на клиентите брз, ефтин и едноставен пристап до услугите на НЛБ Тутунска банка.
