Јанакиески: Сите патни правци во државата се проодни
Сите магистрални и регионални патни правци се проодни и нема застој во сообраќајот, соопшти денес министерот за Транспорт и врски, Миле Јанакиески по средбата со координативното тело задолжено за справување со новонастанатите временски непогоди во земјава.
„Најмногу снег падна на патниот правец од првата патарина од Тетово до излезот на Кичево. Имаше врнежи и во другите делови низ Македонија, но претежно тоа беше снег кој беше измешан со дожд“, истакна Јанакиески.
Според информациите на министерот краток испад на ниско напонска струја бил регистриран во Вевчани, но проблемот веднаш бил отстранет.
Краток испад имало и во преспанскиот дел но министерот истакна дека за неколку часа ќе бидат санирани сите штети.
„Патиштата до Вевчани се проодни, па сите граѓани од Македонија и од странство кои планираат да го посетат Вевчанскиот карневал слободно можат да патуваат“, истакна Јанакиески.
Според прогнозите на Управата за хидро метеоролошки работи во наредните пет дена нема да имаме снежни врнежи.
Слично
