Јанакиески : Никому нема насилно да му се одземе имот?!
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески изјави дека „Никому нема насилно да му се одземе имот, противзаконски и без да се определи законски надоместок за тоа, а постапките кои се водат во врска со земјиштето во Љубаништа ќе бидат во согласност со законите“. Ова е реакцијата во врска со изјавата на митрополитот Дебарско-Кичевски Тимотеј дека црковното земјиште во Љубаништа, кое се планира да биде земено за инвестицијата на Субрата Рој, не е на продажба.
„Согласно законот, туристичката развојна зона е од јавен интерес и кога некоја област се урбанизира за јавен интерес се води постапка за експропријација така што нема насилно на никого да му одземаме имот, туку ќе ги почитуваме законските прописи во државата. Сите постапки кои ќе се преземат ќе бидат исклучиво согласно законските прописи во Македонија“ - рече Јанакиески.
Јанакиески информира дека за развојната туристичка зона во Љубаништа, каде што ќе се гради инвестицијата на Рој, моментално се води постапка за урбанизација на земјиштето.
„Прво треба да се определи опфатот, а потоа да видиме дали тој опфат ќе има земјиште на црквата или не. Доколку има ќе ги почитуваме сите законски прописи и на никој нема да му биде одземен имот како што и досега оваа Влада нема одземено имот, без да се даде определен надомест“-рече Јанакиески.
