Јанакиески: Љубчо Георгиевски ќе гради хотел во барок-стил или ќе го раскинеме договорот!
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески вели дека од медиумите дознал дека купувачот на една од локациите за изградба на барок-хотел под Кале е поранешниот премиер Љубчо Георгиевски.
„Кај нас, на јавно наддавање лице со тоа име и презиме не учествувало, а за локацијата за која станува збор најповолен понудувач беше фирма со назив ГМ „Инвест Груп“ од Струмица, а според податоците од Централен регистар основач на оваа фирма е фирмата „Едилха“ од Струмица, каде како управител се јавува лицето Ѓорѓи Мицковски. Станува збор за локација во центарот на Скопје, предвидена за изградба на хотел и досега уште не се уплатени средствата согласно постигнатата крајна цена од електронското јавно наддавање, но во тек е рокот од 15 дена од денот на завршување на постапката за јавно наддавање да се уплатат“, вели Јанакиески во интервју за МИА.
Тој појаснува дека согласно законските прописи и јавната објава за предметната локација има рок од 9 месеци по солемнизацијата на договорот за да се добие одобрение за градење, а во Договорот кој што треба да се склучи за предметната локација ќе бидат вградени клаузули согласно јавната објава.
Георгиевски во медиумите изјави дека има намера да го започне хотелот во барок, но да го заврши во модерен стил пред истекот на крајниот рок за градба. Јанакиески, пак, е категоричен - условите предвидени во идејното решение кое е составен дел од конкурсот се задолжителни и промена не може да има.
„Инвеститорот со самото пријавување за учество во јавното наддавање ги прифаќа условите и ако не се придржува до истите следува раскинување на договорот. Според условите, хотелот треба да биде изграден во еден од стиловите на барок или класицизам. Пред издавање одобрение за градење, потребно е Комисија од Министерството за транспорт и врски да ја одобри фазата архитектура од основниот проект. Со оглед на тоа што станува збор за централно градско подрачје, целта ни е објектот да се вклопува во целината на објектите кои се градат или се предвидени за изградба на тој потег покрај кејот на Вардар. Единствен начин да се избегне обврската хотелот да се гради во тој стил е доколку не се потпише договор или истиот се раскине за што на горенаведената компанија ќе и се активира гаранцијата или ќе плаќа пенали, и има нова јавна објава без таа обврска, па да има повторно електронско јавно наддавање друг начин не постои“, вели министерот за транспорт и врски.
Слично
