Јанакиески: ќе зададеме конечен удар на дивите превозници!
За законските измени со кои автобуските станици ќе треба во рок од една година по стапувањето во сила на Законот да продаваат возни билети преку електронски систем со електронско плаќање, според Јанакиески, има начелна согласност од станиците.
- На тој начин ќе се намали гужвата во станиците. Најголем дел од нив имаат систем приближен на тоа што го бараме ние, така што нема да има големи финансиски трошоци.Тоа драстично ќе ја подобри нивната работа и ќе овозможи граѓаните да купуваат билети по електронски пат. Туристичките агенции во рамки на својата дејност за своите клиенти може да купуваат возни билети преку електронскиот систем на автобуските станици, рече министерот за транспорт.
Сегашниот закон овозможува бесплатни билети само за лицата со 100 процентна инвалидност, а со предложените измени границата се намалува на 90 проценти, на барање на Сојузот на инвалидизирани лица.
Предлог-законот предвидува мерки кои се однесуваат и на подобрување на контролата во јавниот градски превоз. Доколку контролорите утврдат дека патникот нема билет за јавен превоз, ќе поднесат предлог за поведување прекршочна постапка до надлежниот инспекциски орган. Со дополнувањето на законот се предвидува дека со одлука или решение од град Скопје некои автобуски стојалишта во градот да се определуваат како попатни станици за вршење меѓуопштински превоз на патници.
Новина во законот е и тоа што се предвидува вршење општински линиски превоз на патници со тролејбус, трамвај или други видови шински возила и да може да биде предмет на концесија или јавно приватно партнерство под услови предвидени со прописот со кој се уредува постапката за доделување концесија или јавно приватно партнерство и услови утврдени од Советот на општината односно Советот на Градот Скопје.
