Економија, финансии, бизнис

Контакт

Јана Нашулова: Студентски избори, универзитетски срам!

Јана Нашулова: Студентски избори, универзитетски срам!

Несвикувањето на вонредна седница на Сенатот поврзана со скандалозните избори за претседател на СПУКМ предизвика остри реакции кај студентската јавност но и во академските кругови.  Условите за свикување на седницата на Сенатот се  исполнети велат студентите,но Ректорот во заминување, Велимир Стојковски  не ја испочитува одлуката   отворено и јавно да се разговара за постапката и последиците од изборниот процес за ново студентско раководство. Изборите кои поминаа со низа  неправилности и во крајно тензична и напната атмосфера се срам и црна дамка  во работењето на најстариот универзитет во земјава- вели за Фактор, Јана Нашулова од Студентскиот пленум. Таа е една од пленумките кои беа пред СПУКМ ноќта  кога припадниците на специјалната полициска единица за брзо распоредување  со прекумерна сила насилно истурка триесетина студенти од простории кои се во сопственост на скопскиот универзитет.

“Сметам дека намерно не се свикува таа седница која е иницирaна од шеснаесет сенатори од највисокото тело на УКИМ,а тоа е Сенатот. Ректорот во заминување Стојковски  кој има уште неполни 2 месеци за работа се надевам е свесен за нелегитимноста на изборите кои беа спроведени за нов ректор,но и за студентското раководство.Велам нелигитимноста бидејќи таму имаше студенти на кои мандатите им беа верифицирани само за да се избере ректор кој секако ќе игра по ритамот за пропаѓање на универзитетот и неговата автономија”-вели Нашулова.

Изборите кои се спроведоа спротивно на сите процедури, норми и критериуми за одржување фер и демократски избори според неа треба да бидат поништени и да се спроведат нови, а во меѓувреме да се изготви модел за измена на Статутот  за студентско организирање. Оттука дел од студентите сметаат дека треба да се суспендира  учеството и одлучувањето на претставниците на СПУКМ во соодветните тела и органи на УКИМ  сè додека не се извршат статутарни измени што ќе овозможат одржување регуларни избори за студентски претставници но и да се стопира финансирањето на СПУКМ до разрешувањето на настанатата ситуација.

“Бевме сведоци на низа неправилности и упад на ЕБР кој од наша страна беа најстрого осудени па затоа и побаравме поништување на овие и организирање на нови студентски избори во академската година како што им прилега на сите студенти,а не само на одредена група.Бидејќи Давор Поповски  се смета за легален и легитимен не треба да заборави дека со измена на статутот на УКИМ тој ќе биде претседател на невладина организација не претставувајќи ги сите студенти.Затоа нека биде студент за пример кој нема да признае криминал и нема да прифати да биде полтрон на владеачка партија и нека ги поништи овие избори”- додава Нашулова.

Изборите за претседател на Студентскиот парламент  кои се одржаа на крајот на јуни кога е завршена академската година,  а факултетите се празни  вели содржеа сериозни повреди на процедурата и принципите кои  во нормален демократскиот изборен процес треба да бидат гарант за остварување на полниот легитимитет  преку законски обезбеденото право на студентите за учество во управувањето во органите и телата на Универзитетот и факултетите.

“Во однос изјавата на Давор Поповски дека нема да има нови избори сметаме дека тој е самопрогласен лидер на студентите.Самите бевме сведоци на нереалниот процент на излезност кои тие го сметаат за валиден.Како што кажавме уште дента на изборите но и после тоа ние бараме овие избори да бидат поништени од новиот „студентски лидер“ кои тие го признаa како легитимен.За изборите и случувањата не сакам ниту да коментирам бидејќи после сите реакции не само од Студентскиот Пленум туку и од јавноста е срамно да се сметаат за легитимни и легални.Освен поништувањето на изборите кое постои можност да не биде исполнето,ние сме спремни да ја опструираме работата на СПУКМ бидејќи тие сепак треба да им служат на сите студенти,а не само на оние кои се поддржувачи на одредена политичка партија”- нагласува Нашулова.

ИЗБОРНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ

Начинот на кој беа спроведени овие избори според студентите од Пленумот недвосмислено ја илустрира интенцијата на Студентскиот парламент за фалсификување на волјата на студентите и содржи нерегуларности кои претставуваат флагрантно прекршување на демократските принципи.

Студентските избори велат се спроведени врз основа на Правилник за избори кој Студентскиот парламент при УКИМ тврди дека го донел непосредно пред распишување на изборите, но од пленумот велат дека  истиот никаде и никому не е доставен на увид. Доколку воопшто постои, велат пленумците овој Правилник е донесен од Парламентот кој има спорен легитимитет бидејќи согласно чл. 350 од Статутот на УКИМ и чл. 17 од Статутот на СПУКМ, Студентскиот парламент при УКИМ го сочинуваат пратеници на Студентските парламенти на секоја високообразовна институција (матичните факултети). Согласно чл. 353 од Статутот на УКИМ и чл. 45 од Стаутот на СПУКМ членовите на Студентските парламенти при факултетите се избираат на непосредни, фер и демократски избори со мандат од 2 години.

Согласно ваквата поставеност на одредбите потребно е да се стекнат со легитимитет на непосредни избори пратениците на Студентските парламенти на матичните факултети, кои воедно го сочинуваат и партиципираат во Парламентот при УКИМ, како неопходен услов за легитимитетот на Студентскиот Парламент при УКИМ.Согласно моменталните податоци кои се достапни преку Централниот регистар, освен на три факултет при УКИМ, на сите други се немаат распишано избори за пратеници на Студентските парламенти на факултетите во последните 3 години. Консеквентно на тоа  сметаат студентите, Студентскиот парламент при УКИМ нема легитимитет за донесување или измена на интерните акти и согласно тоа спорен е легалитетот на таквиот Правилник кој ја уредува целата постапка за распишување и спроведување на изборите  кој не е достапен за јавноста.

Дополнително велат датумот на кој беа спроведени изборите претставува јасен индикатор во насока на злоупотребата на овој изборен процес, имајќи го предвид фактот дека изборите беа спроведени по завршетокот на официјалната академската година.

Универзитетската автономија вели студентката Нашулова е главниот постулат на кој треба да се темели функционирањето на секој универзитет но таа со години се подрива преку силното влијание и мешање на ресорното министерство како ипоради  делбата на колачот помеѓу коалиционите партнери во власта. Оттука додава  Нашулова, сметајќи дека прават нешто корисно надлежните постепено почнаа да го погребуваат високото образование.

Студентите кои по дефиниција се носители на напредокот во секое општество и столбот на секоја држава кои застануваат во одбрана на вистината, еднаквоста и своето достоинство се единствениот потенцијал на  кој секоја власт треба да гледа со респект. Затоа вели потребно е   силно и автентично студентско  движење кое ќе ги обедини сите студенти во борбата за подобро високо образование, потребен е лидер чија главна преокупација нема да бидат само студентските забави туку решавање на горливите проблеми кои го тиштат македонскиот студент.

 С.Б.

Слично

Поврзани вести