Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЈАЛОВИ ПРЕГОВОРИ! Синдикатот и министерството за образование заглавија на екстерното?

ЈАЛОВИ ПРЕГОВОРИ! Синдикатот и министерството за образование заглавија на екстерното?
Иако поминаа повеќе од три недели за решавање  на проблемите во образованието на преговарачка маса, работите на терен остануваат без конкретни решенија. Од Синдикатот за образование и наука велат дека освен една првична средба која се одржа на почетокот на преговорите и која  е далеку од конкретни решенија и заклучоци, следна иницијатива за продолжување на дијалогот нема. Од таму очекуваат поголема ангажираност од надлежните и пофлексибилен став по едно од најгорливите проблеми за наставниот кадар-казните од екстерното оценување. “Работните групи се сретнаа еднаш колку да се запознаат со основните ставови на двете страни, да се начнат проблемите, и толку. Неможе да се каже дека има некоја насока како во иднина ќе се водат преговорите бидејќи една средба сигурно е далеку од доволна да се почне, а не да се одлучи за конкретни решенија. Приоритетно прашање на кое ќе ставиме посебен акцент се казните од екстерното оценување бидејќи преку нив ќе се удри директно по грбот на наставниците,а ние тоа не смееме да го дозволиме” -вели Јаким Неделков , претседател на СОНК. Денеска СОНК на средба во МОН! Од Синдикатот за образование и наука очекуваат да се реализира денешната средба во ресорното министерство на највисоко ниво, по што би следеле идните насоки за преговорите. Тие очекуваат надлежните да ги чујат и прифатат нивните предлози во кои ќе преовлада тежината на фактите и аргументите. Главно барање, велат од СОНК останува  да не важат сегашните казни и награди за наставниците,  туку резултатите од екстерното тестирање да се искористат за анализи и за истражувања. “Ние не сме против моделот на екстерно оценување. Треба да има механизам на проверка на знаењата на учениците и вложениот труд на наставниот кадар, но сметаме дека тоа не треба да биде основа за казнување,  туку резултатите  од екстерното да се користат за споредбени анализи, за истражувања кои би го подобриле образовниот процес. Неодамна  имавме седница на Советот на СОНК на која ја разгледавме  актуелната состојба и  бидејќи времето минува,а крајниот рок за преговорите е до крајот на оваа календарска година,  не сакаме да се ставиме во ситуација да не газат роковите без конкретни резултати”-вели Неделков. Казни за околу 2000 наставници?! Според решенијата на Министерството за образование и наука, новото законско решение за воведување на казните од екстерното оценување треба да стартува од јануари, што практично би значело дека веќе со јануарската плата околу 2000 наставници и професори во основно и средно образование кои направиле најголеми отстапувања во оценувањето на ланското екстерно тестирање нема да куртулат од најавените казни, и ќе треба да земаат за 15 отсто пониска плата цели 12 месеци. Ова решение за синдикалното раководство  вака како што е поставено го има само кај нас и наставниците децидно не го прифаќаат, бидејќи не се зема  предвид следењето на работата на наставниците преку редовниот инспекцискиот надзор во текот на  годината, индивидуалната работа, проектните активности. Училишните одбори и СОНК преплавени од приговори    Незадоволните наставници покрај приговори до училишните одбори, своите забелешки ги доставиле и до Синдикатот. Од СОНК велат дека иако немаат официјална бројка голем број на приговори се позитивно решени од страна на училишните одбори кои ги разгледале и одлучиле дека нема основа за казнување на наставникот. Ова според нив ќе ја олесни работата на преговарачките тимови, бидејќи реално би требало да ја намали бројката на казнети наставници, но сепак не го решава проблемот во целост. “Ако има основа, училишниот одбор кој е составен од претставници на училиштето, министерството, локалната самоуправа и родители,  го поништува решението на директорот за казнување. Веќе има такви случаи во некои училишта. Ние како Синдикат  не можеме да постапуваме по приговори, иако и кај нас стигнуваат, а се по различни  основи. Голем проблем е што  наставниците немаа можност да ги видат тестовите од спроведеното тестирање, па од тука произлезе и недовербата и реакциите за резултатите” – вели Неделков.   Овие аномалии според него ќе бидат претставени на следните средби на работните групи меѓу синдикатот и надлежните. Дополнително ќе се разгледува секој случај во кој се забележани неправилности и нелогичности. Одлуката за штрајк ставена во мирување!? Дали штрајкот на просветарите кој е ставен во мирување до крајот на декември ќе биде активиран, зависи од заедничките заклучоци од двете страни. Иако веќе решенијата за казни и награди се потпишани и поделени до општините, кои потоа треба да ги достават до училиштата, решавањето на приоритетното прашање за евентуалното казнување на наставниците, според  синдикалното раководство ќе биде основа за разгледување и решавање на следните проблеми во образованието и реалната можност за активирање на штрајкот. Од СОНК очекуваат надлежните да не поставуваат тврди и децидни ставови околу спроведувањето на новото законско решение за казнување на наставниците. Тие ќе побараат да се  извршат измени на Законот за основно и средно образование,  бидејќи според нив екстерното оценување не смее да биде единствениот инструмент за оценување на наставниците и учениците. Работни групи од Синдикатот и Министерството за образование и наука следниве месец и половина на заедничка маса треба да  ги пеглаат и различните ставови околу колективните договори, висината на платите и обврските на вработените во градинките и културата. Од заедничките заклучоци дополнително ќе се бараат механизми за нови законски решенија.
Слично

Поврзани вести