Јакимовски: Нема дефанзивно да ја предадам општината
Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски потврди дека поднел кандидатура за нов градоначалнички мандат.
„Во изминатите четири години, Општина Карпош беше единствената опозициска општина од десетте во Градот Скопје, која успеа сама да опстои и не само тоа, туку да биде најуспешна и најпросперитетна општина потврдена не само во земјата, туку и надвор од неа. Во име на целиот тој четиригодишен влог, јас решив да одам во фронтален дуел со кандидатот на владејачката партија“, соопшти вечерва на својата официјална страница на Фејсбук, градоначалникот Стевчо Јакимовски.
Со тоа, Јакимовски не ја испочитува одлуката на неговата партија СДСМ за бојкот на локалните избори. Дел од македонските медиуми објавија дека Јакимовски ја поднел кандидатурата на неколку минути пред истекот на рокот преку Радикалната странка на Србите во Македонија на Драгиша Милетиќ, која е дел од опозицискиот „Сојуз за иднината“.
Во соопштението до јавноста, Јакимовски вели дека неговите побуди за ваков чекор се крајно чесни и добронамерни и пред сè насочени кон иднината и доброто на граѓаните на Карпош.
„Мене, како профил на личност и како политичар, сметам дека не ме личи дефанзивно да ја предадам борбата за општината уште во самиот старт, уште пред почетокот на овие или било кои локални избори“, вели Јакимовски во соопштението до јавноста.
Слично
