Јакимовски: Дали Спасовски и СДСМ преговараа со криминални структури?
Лидерот на Граѓанската опција за Македонија, Стевчо Јакимовски денеска на прес-конференција обвини дека поранешниот технички министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, грубо ја лажел македонската јавност дека хеликоптерите кои ја надлетуваа територијата над Скопје, Куманово и границата кон Косово се во потрага по мигранти.
Тој праша и дали министерот Оливер Спасовски и неговата матична партија СДСМ преговарале со овие структури и каков договор имаат направено со ова криминално подземје.
„Вистината беше дека во Македонија ноќта на 26 март во Република Македонија влезе 40 члена криминална група од Косово составена од роднини и другари на притворените од „Диво насеље“. Тие имаа две цели: да нападнат некој од затворите и да ослободат неколкумина од другарите или пак да киднапираат видни граѓани од Република Македонија и членови на нивните семејства и со нив да бараат размена на притворените од „Диво насеље. Нашите сознанија говорат дека истата група имала 20- тина сандаци со муниција и оружје. Притоа, секој член од криминалната банда се знаеше со име и со презиме, а нашите безбедносни служби го имаа комплетното досие за секој од нив“- рече Јакимовски.
ГРОМ прашува: Ќе одговори ли Оливер Спасовски, затоа што на оваа безбедносна закана, не се даде наредба за акција на Единиците за брзо распоредување? Што се случи со оваа криминална група, односно зошто истата не е неутрализирана и не се наоѓа зад решетки, додава Јакимовски.
