Јакимовска: За да е успешен менаџерот мора да има интегритет
За да биде еден менаџер лидер, пред сѐ, треба да е човек, вели Ирена Јакимовска, сопственичка на текстилната фабрика „Комфи Ангел“ од Прилеп, која е предавач на модулот Клуб на менаџери, претприемништво и лидерство што ја организира Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања кој е еден од четирите совети неодамна формирани од Стопанската комора на Северна Македонија. Обуката започнува на 9 декември а ќе трае до крајот на мај 2022 година, во интервјуто за Плусинфо.
Во овој модул се планирани осум мотивациони говори на познати бизнис лидери од Македонија кои ќе говорат за нивното школување, пораките на нивните професори, првото вработување, мотивацијата, што правеле различно од другите, која беше нивната најтешка одлука, како го бирале својот тим, кое животно мото ги води, како се справуваат со стресни ситуации…
Водена од желбата за личен развој и унапредување на образованието, Ирена Јакимовска како тинејџерка заминала во Велика Британија каде останала 10 години. Работела во италијански ресторан во Лондон, а потоа се посветила на текстилниот сектор во областа на производство на облека и следење на модата. Водена од искуството стекнато во странство, се вратила во Македонија и во Прилеп го основала својот прв приватен бизнис, бутикот „Ангел“. Во 2003 година во партнерство со инвеститор од Велика Британија започнала лон производство во Македонија под името „Комфи Ангел“. По неколкугодишен раст и развој на бизнисот, започнала да развива сопствени брендови и производи следени со постојан технолошки раст.
Активен член е на Стопанската комора на Северна Македонија и е заменик-претседател на Советот за странски инвеститори (ФИЦ), како и претседател на Регионалната комора со седиште во Прилеп. Добитник е на златната плакета од Европското здружение на менаџери на југоисточна и средна Европа за најдобар менаџер на компанија.
„Ќе ги пренесам сопствените искуства кои што се надевам дека ќе поттикнат доволно интерес за интерактивност со учесниците. Вие и не можете во толку кратко време да се фокусирате на најбитните моменти од долгогодишното искуство во креирањето на лидерството, меѓутоа само преку интерактивност можете заедно со учесниците да дојдете и да ги потенцирате најбитните моменти, вели Јакимовска.
Кои вештини и особини треба да ги стекне младиот менаџер за да може да биде лидер?
„Да e човек, затоа што во животот ние сите независно од нашата работна позиција што ја имаме, се наоѓаме во позиција на лидери во опкружувањето во кое што живееме и работиме и во нашето семејство. Значи, најбитна особина е да е човек, надоградена со искреност, чесност, храброст, иницијативност, одржливост, одговорност, прилагодливост и отвореност за промени и континуирано надоградување на сопственото знаење, вели Јакимовска.
Што им е заедничко на успешните лидери? Каква личност треба да биде еден менаџер?
„Да има интегритет пред тие што треба да ги води, да биде role model, додава Јакимовска.
