Јаким Неделков: Веднаш да се повлече предлогот на Закон за систем на плати
Јаким Неделков, претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура побара веднаш да се повлече предлогот на Закон за систем на плати од електронскиот регистар на прописи. Според синдикалниот лидер, овој законски предлог ги укинува синдикатите и Собранието, Влчадата и Министерството за финансии сами ќе одлучуваат колкави ќе им бидат платите на околу 140.000 вработени во јавниот сектор.
Според Неделков, сега Владата ќе има законско право да ги намалува платите, по неуспешниот обид тоа да го направи за време на пандемијата од Ковид-19.
- Тогаш Владата немаше законска можност, но сега еве ќе ни се намалуваат платите. Спорно е и правото на штрајк. Со закон, имаме право на штрајк, но треба да се исплаќа согласно законската регулатива што во случајов е неповолна за нас, рече Неделков на денешната прес-конференција.
Тој ги изнесе и заклучоците кои биле донесени на одржаната синдикална седница, на која меѓудругото било констатирано дека платите, во однос на минималната, ќе растат линеарно, а не процентуално.- Овој предлог закон, според нашето членство е противуставен, дискриминирачки и против интересите на колективните договори и правата на работниците Некои права кои се веќе стекнати, ќе бидат укинати од колективните договори
Се елиминира можноста со колективните договори да се уредуваат платите, спротивно од Уставот на Македонија, каде што е децидно кажано дека платите се уредуваат со закон и колективни договори.
Утврдувањето на исплатата на дополнителните комопоненти ќе се исплаќаат доколку буџетот обезбеди средства. Дали тоа значи, дека ако некој оцени дека во буџцетот нема средства, како Министерството за финансии, тогаш тоа што сме го работеле нема да се исплати?
Платите може да се намалат, ако буџетот нема средства и како приоритети се други дејности на државата. Тогаш платите може да бидет намалени и работниците и синдикатите ќе немаат никакво влијание на социјален дијалог и преговори со надлежните.
Кои работни места , во колкав број ќе треба за непречено функционирање на установите ќе бидат коригирани со Уредба на Владата и тука повторно социјалниот дијалог и партнерство се укинуваат.
Вредноста на бодот го утврдува Собранието, и пак нема да имаме влијание колкави ќе бидат платите. На пример, ако детската заштита нема да биде стратешки приоритет, тука платите нема да се зголемат, а може и да се намалат, ги наведе Неделков заклучоците донесени на седницата на СОНК.
Првиот човек на оваа синдикална организација го повика предлагачот - Министерството за информатичко општество и администрација, веднаш да го повлече предлогот од регистарот на прописи.
- Бараме од предлагачот, МИОА, веднаш, безусловно да го повлече овој текст, да седнеме синдикатите, работодавачите и Владата, како што доликува демократски и трипартидно, да ги изнајдеме сите позитивни и негативни одредби од овој закон, и да направиме текст кој што ќе им одговара на овие три тела
СОНК не е против носење на закон и ставање ред во системот на плати. Има огромно шаренило на плати во јавниот сектор, но не излезе така како што беше договарано - дека ќе земеме учество во креирањето на овој закон, објасни тој.
Неделков дополни дека евентуалниот протест ќе биде последна опција.
- Забелешките ќе бидат доставени на ресорните министри, сигурно нема да останеме само на изјави. Ќе превземеме активности со кои ќе го искажеме нашето незадоволство. Не сакам да верувам дека одлуките ќе се носат еднострано и централистички, бидејќи тоа лошо може да го протолкува кај меѓународната заедница, додаде Неделков.
