Јадранот бара 95.000 сезонски работници: Платите во туризмот одат и до 3.000 евра
Во пресрет на туристичката сезона на Јадранот владее голема побарувачка за сезонски работници, особено во угостителството и туризмот.
Според проценките од Хрватска, оваа година во туризмот и угостителството ќе бидат потребни околу 70.000 сезонски работници, што е приближно 5.000 повеќе од минатата година. Слична е состојбата и во Црна Гора, каде Стопанската комора проценува дека за сезоната ќе бидат потребни околу 25.000 сезонски работници, а само во Будва најмалку 5.000 работници во туризмот и угостителството.
Таквата побарувачка отвора можности и за работници од регионот, а тоа го потврдуваат и податоците од „Инфостуд“, каде работодавачи од регионот веќе активно бараат кадри за претстојната сезона.
Најголем број работни места традиционално има во угостителството. Најмногу се бараат келнери, готвачи, помошни готвачи, помошни работници во кујна, хигиеничари и собарки. Освен нив, се бараат и аниматори, рецепционери и работници за одржување, кои се неопходни за функционирање на хотелите и туристичките комплекси.
Кога станува збор за заработката, келнерите можат да очекуваат месечна плата од околу 1.200 до 1.600 евра, додека бармените заработуваат меѓу 1.400 и 1.600 евра. Рецепционерите можат да сметаат на плати од околу 1.300 до 1.500 евра, а работниците за одржување и мајсторите најчесто заработуваат меѓу 1.100 и 1.300 евра.
Во туристичките зони се бараат и продавачи, чии плати можат да достигнат од 1.600 до 1.800 евра, пишуваат медиумите од соседството.
Меѓу илјадниците работници кои оваа сезона ќе работат во странство е и Бојан, готвач со долгогодишно искуство. Тој годинава, по препорака од колега, се решил за шестмесечна работа на крузер, а главен мотив му била платата, која е трипати повисока од онаа што може да ја заработи во Белград.
- Моментално сум три недели на крузер. Се работи многу – по осум-девет часа, но колку ќе се организираш, толку слободно време ќе имаш. Шест месеци ќе бидам овде, работам без слободен ден, но знам за што работам, платата ми е 3.500 евра – трипати поголема отколку во Србија - вели тој, додавајќи дека речиси целата сума му останува, бидејќи бакшишот му е доволен за трошоци.
За порталот Н1 раскажува дека првпат се решил да замине на сезонска работа уште во 2018 година.
- По многу години работа во угостителството во мојот роден град, на крајот се покажа дека не бев испочитуван во фирмата во која работев осум години, во три различни ресторани, како и секаде во угостителството во Србија, каде што ситуацијата е ужасно лоша за угостителите – готвачи, келнери, слаткари...
Сите или работевме на црно со години или бевме пријавени на минималец. Бидејќи бев разочаран, ми беше преку глава од сè – од Србија, од Белград... На препорака на пријател кој е во Норвешка требаше да одам таму, но тоа пропадна и случајно на Фејсбук видов објава од колега дека се бара готвач за Пула. Го контактирав, тој ме поврза со жена од агенција, а таа со газдата, со кого се договорив за пет минути - објаснува тој.
Во Пула, како што вели, работел и таа и следната година.
- Впечатоците се крајно фантастични. Никаде не е идеално, но бев максимално испочитуван, сè што беше договорено го добив, дури кога работевме за нивните католички празници, работодавачот дополнително ме плати, што во Србија никогаш не сум го доживеал. Имав два и пол месеца одмор. Иако тогаш не беше целосна плата, тоа во Србија не можеш да го добиеш – едвај две недели е максимум - вели тој.
Откако 2020 година ја донесе короната, Бојан останал во Белград, а по три години повторно почнал да работи како сезонец.
Дача, пица-мајстор со долгогодишно искуство, годинава првпат решил од Белград да замине на сезонска работа во Хрватска. За Н1 вели дека, како сопруг и татко на две ќерки од девет и тринаесет години, не му било лесно да се реши на овој чекор. Сепак, неколку работи пресудиле да ја прифати понудата од работодавачот, а како главна причина ја наведува заработката, која е повеќе од двојно поголема отколку во Белград.
- Хрватска е релативно блиску, па патот е краток и не е скап. Јазична бариера не постои, а инаку добро зборувам и англиски јазик. Меѓу другото, за Хрватска се одлучив затоа што и мојот роден брат веќе пет години живее и работи како готвач таму, па од прва рака дознав сè што ме интересира. Инаку, во Хрватска имам неколку пријатели и роднини, па што се однесува до мене, одлуката за Хрватска всушност беше лесна - вели Дача.
Понудата за работа во Хрватска му стигнала од компанијата во која веќе работи во Србија, а која во таа земја отворила неколку ресторани и му понудила таму да „го постави бизнисот на нозе“.
Говорејќи за очекувањата, тој истакнува дека од колеги и роднини слушнал разни приказни и искуства – некои добри, некои лоши.
- Секаде има лоши деловни луѓе или лоши одлуки. Ниту во Хрватска не е поинаку во тој поглед, иако луѓето главно се задоволни. Генерално, кој сака да работи и да заработи, ќе биде задоволен; кој би сакал да се забавува и да се проводи, тогаш требало да оди како турист. Се работи и по десет часа дневно, но сè е платено. Едно од лошите искуства што ги слушнав од колеги е во август, кога локалците се веселат и ја одбележуваат успомената на етничкото протерување на „нехрвати“. Јас тие денови ќе се занимавам со својата работа, нема да одговарам на провокации и на мирен начин ќе го одбележам тој ден со палење свеќа во црква - вели Дача, кој е сигурен дека најтешко ќе му падне одвоеноста од семејството, пред сè од ќерките.
Во кујните и понатаму најголема е побарувачката за готвачи. Нивните плати се движат од 1.800 до 2.500 евра, додека шефовите на кујна можат да заработат и до 3.000 евра месечно. Мајсторите за скара можат да очекуваат од 1.400 до 1.900 евра, а пица-мајсторите, кои исто така се многу барани, од 1.900 до 2.500 евра. Помошните готвачи заработуваат од 1.400 до 1.800 евра, а помошните работници во кујна од 900 до 1.400 евра.
Сезонските работни места во туризмот често вклучуваат и дополнителни погодности, како обезбедено сместување и храна, што значително ги намалува трошоците на работниците за време на престојот на море.
На Хрватска и Црна Гора им се потребни речиси 100.000 сезонски работници
Од платформата за вработување Poslovi.infostud.com за Н1 велат дека, според проценките, во Хрватска се бараат околу 70.000 сезонски работници, додека во Црна Гора се потребни околу 25.000 луѓе за работа во туризмот и угостителството. И преку сајтот Poslovi Infostud бележиме голем број огласи од работодавачи од регионот кои активно бараат работници од Србија за сезоната на Јадранот. Прецизниот број отворени позиции на нашиот сајт е тешко да се процени, бидејќи речиси секој оглас за сезонска работа на Јадранот подразбира вработување поголем број извршители за иста позиција - наведуваат од „Инфостуд“.
Податоците на „Инфостуд“ покажуваат дека најголем број пријави има за позиции како рецепционери, собарки и помошни работници во кујна, додека помал број кандидати се пријавуваат за поквалификувани позиции како готвачи, слаткари, мајстори за скара и пица-мајстори. Тоа дополнително го потврдува долгогодишниот недостиг на стручна работна сила во туризмот и угостителството низ регионот.
Фото: Freepick