Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ја прогласи ли „Македонијатурист“ оваа деловна година „ за умрено“?

Ја прогласи ли „Македонијатурист“ оваа деловна година „ за умрено“?

„Македонијатурист“ нема да достави и објави бизнис план за оваа година затоа што не може да направи проценка за идните економски текови годинава, соопшти најголемата македонска хотелиерска компанија

Најголемата хотелиерско – угостителска компанија во нашата држава „Македонијатурист“ нема бизнис план за тековната година и нема да го прави со оглед на околностите и ограничувањата предизвикани од здравствената пандемија, ги информираше компанијата своите акционери и потенцијални инвеститори преку системот за известување СЕИ НЕТ на Македонската берза за хартии од вредност.

Во нивното објаснување кое произлегува од обврската за објава на бизнис план за 2021 година наведуваат дека ова деловното опкружување не дава услови за изработка на бизнис план. Еве цитат од дел од соопштението на најголемата македонска хотелиерска компанија:

Проценките за 2021 година се дека глобалната пандемија нема да намали со својот интензитет и поради тие причини Друштвото нема реална основа врз која ќе може да направи проценка за идните економски текови и не е во можност да направи Бизнис план за 2021година.

Целото известување е достапно на следниот линк.

Македонијатурист“ минатата година ја заврши со загуба од речиси 600.000 евра што е прв пат во последниве 20 години оваа компанија да работи со загуба. Приходите од продажба на услуги и стоки лани одвај надминаа еден милион евра. Тоа е само една петтина од приходот што друштвото кое управува пет скопски хотели го направи во 2019 година. Оперативните расходи лани иако значајно намалени во однос на 2019 година сепак беа речиси тројно поголеми од приходите на компанијата. Оперативната загуба лани изнесувала 1,42 милиони евра. Но е значајно намалена благодарејќи на одличните финансиски приходи на „Македонијатурист“ остварени од камати и дивиденди кои изнесувале 848.000 евра.

Друштвото лани објави дека корона кризата ќе ја искористи за реновирање на својот најдобар и најпознат хотел „Холидеј Ин“ во центарот на главниот град.

Р.Ф.


Слично

Поврзани вести