Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ја објави снимката „Едно евро за Вицето“, сега добива тендери од државата

Ја објави снимката „Едно евро за Вицето“, сега добива тендери од државата

Сашко Милковски, бизнисмен од Струмица и член на Советот на Општина Струмица од заедничката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ, како сопственик на својата мала фирма „Пукет-Консалт-ДС“ во јуни и јули добил два поголеми тендери од околу 100, односно 40-тина илјади евра за да изврши безбедносни проверки на работните средини во Градската општа болница „8 Септември“ и Универзитетската клиника за хируршки болести „Св.Наум Охридски“-Скопје.

Милковски, инаку претходно долгогодишен опозиционер во Струмица, од лани од ноември со својата фирма пред тоа добива повеќе помали договори за јавни набавки за вршење на безбеднсни проверки и издавање на сигурносни сертификати од неколку па до десетина илјади евра од разни општини, локални јавни претпријатија и здравствени установи.

Во јавноста стана познат во 2016 кога како тогашен претседател на ГРОМ Струмица ја објави фамозната снимка „Едно евро за Вицето“, на која поранешниот премиер Зоран Заев наводно бара поткуп од едно евро за метар квадратен општинско земјиште како градоначалник на Струмица. Заев го тужеше Милковски и издејствува 5.000 евра оштета за душевна болка за таа снимка.

Тој вели дека неговата фирма е основана во 2016 и дека како бизнисмен влегол во политиката. За добиените тендери смета дека не се во никаква релација со промената на власта.

- Овде не гледам судир на улоги. Мојата фирма и претходно учествуваше на повиците за јавни набавки но не ги добиваше, затоа што немаше голема побарувачка за сигурносни проверки за безбедност и здравје при работа. Откако изгоре дискотеката „Пулс“ и трагедијата што се случи во Кочани, институциите посериозно пристапија на ова поле и се избира практично секоја сертифицирана фирма. 

Побарувачката е зголемена и очекувам така да биде и во наредните две години. Се испитуваат работниците, работните места, микро-влијанијата на работната средина и се што е потребно по Законот за безбедност и здравје при работа. Цените кај сите учесници се фиксни според пропишан тарифник. Зголемена побарувачка за овие услуги има и кај приватниот сектор по тоа што се случи во Кочани, вели Милковски.

Доколку наплати се, само од склучените договори по јавни набавки, „Пукет-Консалт-ДС“ ќе направи неколку пати поголеми приходи од минатата година. Минатиот месец оваа фирма регистрира нова подружница со адреса во Скопје, односно во Кисела Вода, со назив „Три МММ“ и дејност „техничко испитување и анализа за здравје и безбедност при работа“.

- Мојот бизнис ќе се прошири во Скопје, но со друга дејност. Ова што сега го работиме, веќе го работиме низ целата земја, додава Советникот во Општина Струмица.

А.К.

Слично

Поврзани вести