Извршната МБА програма на Европскиот кампус на Универзитетот Јорк во Солун ми овозможи нова перспектива во водењето луѓе и во организациското лидерство
Успешното лидерство во динамична и конкурентна индустрија како што е финансиската, бара постојан развој, адаптибилност и длабоко разбирање на бизнис процесите. Токму тоа го докажува Маја Давчевска, директорка на Порше Финансиска Групација Македонија, која по повеќе од една деценија професионално искуство во финансискиот сектор, решава да го направи следниот голем чекор во нејзината кариера – запишување на престижната Пан-Европска извршна MBA програма на Европскиот кампус на Универзитетот Јорк и Универзитетот од Стразбур.
Во ова интервју, Давчевска споделува што ја мотивирало да се впушти во ова искуство, кои вештини и перспективи ги добила, и како новостекнатото знаење го применува во секојдневното водење на една од водечките финансиски компании на македонскиот пазар.
Што ве мотивираше да се запишете токму на оваа програма?
„Пред сè, желбата за нови знаења, академски напредок и продлабочување на стратешката и лидерска визија. Отсекогаш сум се водела по начелото дека најдобрата инвестиција е инвестицијата во знаење – нешто што никој не може да ви го одземе.“
Маја истакнува дека програмата била совршено прилагодена на потребите на современиот менаџер. „Таа ми помогна да ја согледам компанијата од различни агли, преку академска призма која нуди пошироко и подлабоко разбирање на менаџментот и организациското функционирање.“
Овој пристап особено ѝ користи во работата како директорка на Порше Финансиска Групација Македонија, каде секојдневно носи одлуки кои влијаат врз различни бизнис-единици – од оперативно управување до имплементација на меѓународни стандарди.
Какво беше вашето искуство како стипендист?
„Стипендијата претставуваше дополнителна мотивација, но и големо признание за досегашното професионално работење и личен развој,“ вели Давчевска.
Воедно, преку оваа можност, станала дел од високо квалификувана група колеги – менаџери, претприемачи и стручни лица од различни сектори. „Финансиското олеснување што го носи стипендијата е значајно, но уште поважно е што таа отвора врата кон квалитетно и меѓународно признато образование,“ додава таа.
Ова искуство ѝ овозможило да го прошири својот пристап во водењето луѓе и да изгради поширок контекст за донесување стратешки одлуки во финансискиот сектор.
Кои делови од програмата ви беа највредни?
„Најмногу ме инспирираа темите поврзани со лидерството и менаџирањето на промени во нестабилна и комплексна средина – токму она што го живееме денес. “

Во денешниот динамичен свет, каде системите изгледаат стабилни но се ранливи, луѓето се постојано загрижени и несигурни поради брзите промени, настаните не следат предвидлив редослед, а многу работи стануваат сè потешки за разбирање, менаџирањето бара зголемена флексибилност, емпатија и адаптибилност. Затоа, највредни за мене беа темите поврзани со лидерството и менаџирањето на промени во нестабилна и комплексна средина – токму она што го живееме денес. Овие алатки не се само релевантни – тие се неопходни. Особено ме инспирираше примената на научни сознанија од областа на човечко однесување и невронаука во организациски контекст – знаења што ми помагаат да градиме флексибилни, мотивирани и адаптабилни тимови во рамките на една lean, но амбициозна структура каква што е Порше Финансиската Групација.
Колку е важна мрежата на контакти што ја изградивте?
„Мрежата на контакти има исклучителна вредност. Во текот на програмата имав привилегија да запознаам врвни професионалци од различни индустрии. Овие релации значително ја проширија мојата деловна перспектива и директно придонесоа за поуспешно адресирање на конкретни предизвици во работењето.“
За Давчевска, оваа мрежа претставува своевиден think tank – извор на идеи, партнерства и нови пристапи кои може да се применат во финансиските услуги, особено во време на брзи технолошки промени и сè поголема потреба за дигитална трансформација.
Како ја применувате програмата во вашето секојдневие?
„Програмата ми помогна да развијам холистички пристап кон менаџментот и да ги разберам причинско-последичните врски зад секоја одлука.“
Оваа способност, како што вели, ѝ овозможува да носи поинформирани, одржливи одлуки – баланс меѓу стратегијата и тактиката, визијата и реалноста. Во организација каде што иновацијата и брзата адаптација се клучни за успех, овие вештини се незаменливи.
Кои се најважните придобивки од програмата?
Програмата ми овозможи да практикувам сеопфатен пристап кон управувањето со организацијата и со човечките ресурси. Поинаков агол на размислување, критичка анализа и способност да ја согледам „големата слика“, се меѓу највредните придобивки. Таа вели дека овој пристап и помогна да ги поврзе секојдневните активности со долгорочните цели и стратегии, а со тоа и да носи поинформирани и поодржливи одлуки.
Што би им порачале на идните студенти?
„Само храбро – just go for it. Ако размислувате за следниот чекор во вашиот личен и професионален развој, оваа програма е одлична можност да ги проширите хоризонтите, да стекнете нови перспективи и да изградите силна мрежа од инспиративни професионалци.“
Кои се вашите следни чекори?
Во однос на професионалниот развој, Маја вели дека секојдневното менаџирање носи со себе различни предизвици, а нивното решавање претставува вредно искуство и можност за постојано учење и развој. Од друга страна, Порше Финансиската Групација, како дел од Порше Холдинг Групацијата, нуди специјализирани програми за континуиран развој на менаџерите. Фокусот на Маја во наредниот период ќе биде токму на искористување на тие интерни можности – со цел понатамошно надградување, подобрување на лидерските вештини и подготовка за нови предизвици.

Дипломирањето на оваа извршна MБA програма е само уште еден чекор напред во веќе успешната кариера на Маја Давчевска, но и доказ дека и најуспешните лидери продолжуваат да инвестираат во себе – со цел подобро да раководат, подобро да одлучуваат и да го инспирираат својот тим со визија, знаење и самодоверба.
Заинтересираните кандидати за стекнување на стипендијата „Борис Трајковски“ за Пан-Европската извршна МБА програма на Универзитетот Јорк и Универзитетот од Стразбур за академската 2026/2027 година можат да конкурираат преку следниот линк.
