ИЗВОЗ И УВОЗ НА МАКЕДОНИЈА СО ИРАН: Што покажуваат бројките?
Израел и САД пред десетина дена почнаа со напади на Иран, а статистиките покажуваат дека од Иран најмногу увезуваме храна, хемиски и сродни производи, минерални горива, мазива и сродни производи, мала количина суровини и тутун и пијалаци, како и машини.
Од друга страна, ние на Иранците најчесто им извезуваме машини и транспортни уреди, но и мала количина на тутун и пијалаци, како и суровини. Ова сепак не е некоја голема трговска размена и нашата земја има развиена економска соработка со европските земји.
„Урмите кои се продаваат кај нас се од Иран. Не знаеме дали би се попречил узвоз-извоз поради војната, но граѓаните ги консумираат. И во маркет на многу од урмите кои се продаваат им пишува дека земја на потекло е Иран“, велат од продавница за здрава храна во Скопје.
Сопствениците на продавници за здрава храна додаваат дека ние зависиме од глобалните текови и се надеваат на брзо смирување на тензиите на Блискиот Исток.
„Леблебија имаме од Иран, суро грозје, ф’стаци. По моја проценка оваа храна може да поскапи, еве лешникот го нема и поскапува, а другите намирници ни стигнуваат најчесто од Турција“, велат од охридска продавница за здрава храна.
Во 2025 година, Македонија во Иран извезла стоки во вредност од 193.325 евра. Ова е наведено во базата Макстат на Државниот завод за статистики(ДЗС). Во 2024 година, македонскиот извоз во Иран чинел 356.144 евра.

Во 2023 година, сумата е уште повисока, односно македонскиот извоз во оваа земја чинел 385.708 евра. Во 2022 година, извозот во Иран бил во вредност од 1.107.034 евра.

Во 2012 година на пример, сумата е многу ниска, односно само 66.211 евра. Во 2010 година, македонскиот извоз во Иран вредел 1.348.059 евра.
Но, ако го погледнеме увозот од Иран во земјава, тој лани изнесувал 8.249.367 евра. Во 2024 година, Македонија од Иран увезла стоки во вредност од 15.053.483 евра. Во 2023 година, увозот од Иран „тежи“ 12.020.421 евро. Во 2022 година, бројките на ДЗС укажуваат дека увозот од Иран чинел 20.186.034 евра. Во 2021 година, увозот чинел повеќе, односно 28.432.877 евра. Во 2017 година, сумата изнесувала 4.194.225 евра. Во 2015 година, увозот чинел 2.237.372 евра. Увозот од Иран во 2014 година имал пониска вредност, односно увезената стока чинела 1.216.151 евро. Ако споредиме со статистиките од минатото, во 2004 година увозот од Иран изнесувал 1.078.182 евра.
Инаку, долго време најголем трговски партнер на Македонија е Германија. Во првите пет често влегуваа Британија, Србија, Грција, Италија или Бугарија.
Иранската влада во вторникот објави забрана за извоз на сите прехранбени и земјоделски производи. Иран учествува со околу 18 проценти во глобалното производство на ф’стации, 6 проценти во глобалното производство на цреши, но она што е позагрижувачко е веќе напнатата ситуација на глобалниот пазар на ѓубрива.
Сања Атанасовска