Ако може да се откажеме од парно греење, зошто да плаќаме за другите комунални услуги?
Ретко кога некој стопански субјект бил толку експониран во јавноста како што деновиве е случај со „Топлификација“. Последниот револт на потрошувачите го предизвикаа сметките што некои од нив мораат да ги платат иако се исклучиле од системот за затоплување (веројатно поради цената која не се во состојба да ја плаќаат). Се истурија бројни аргументи за да се покаже неоправданоста на законската обврска станарите што се исклучиле да се товарат со обврска за услуга што не ја добиваат. Притоа, се конструираа невозможни ситуации за да се покаже нелогичноста, а со тоа и неоправданоста на таквиот потег на надлежните и неоправданиот приход на претпријатието.
Како пример за апсурдноста на решението се наведува и ситуацијата во која станарите што живеат над угостителски објект во кој секој ден има „жива свирка“ да треба да плаќаат надомест за музиката. Асоцијацијата е очигледна. Се прави споредба со примерот на Топлификација која наплатува определена сума од станарите што се исклучиле поради тоа што топловодните цевки минуваат низ нивниот стан. Површно гледано оваа споредба изгледа успешна, но во суштина е несоодветна. Во станбено-деловна зграда нема врска меѓу сопствениците на деловните објекти и на станарите (бизнисот се регулира со дозволи од надлежни органи), додека топловодната инсталација им е заедничка.
Мошне гласна е одбраната на исклучените од мрежата од позиција на правото на слободен избор на видот на греење на граѓаните, односно правото на избор да користат или да не користат топлинска енергија. Звучи мошне привлечно, но е сосема несоодветно. Нивното право на избор е искористено со изборот да живеат во колективна станбена зграда, во која, покрај другите инсталации заедничка им е и топловодната. И секој кој живее во зграда не може да се исклучува воопшто, а не кога ќе му текне, доведувајќи ги другите станари во неповолна ситуација. Неговото право на слободен избор повторно може да го стекне ако се отсели од колективната зграда, а не со повреда на правата на другите.
Интересно е што сегашните душегрижници за луѓето што се присилени поради сиромаштија да се исклучуваат од системот за греење и треба да плаќаат определена надокнада, не беа толку ревносни во одбраната на станарите кои плаќаа дополнителна надокнада за греење поради исклучените. Тие не добиваа повеќе енергија, но мораа да плаќаат и за топлинската енергија која се губи преку инсталацијата на исклучените.
Со оваа елаборација немам намера да бранам никого од инволвираните во оваа одбрана-напад претстава во која и државната регулаторна комисија незадоволително ја одигра својата улога. Сакам да го свртам вниманието на изворот на проблемите. Јасно е дека Топлификација е во монополска положба на пазарот и треба посоодветно да се регулира нејзината позиција во таа смисла да се бори за поефикасно работење и за поквалитетни услуги, но и да не се изгуби од предвид дека е и акционерско друштво кое треба да испорачува соодветна добивка на акционерите. На нејзина сметка не може да се релативизира порастот на сиромаштијата на луѓето кои живеат во колективни станбени згради (циркулира податокот според кој близу 11.000 станови го откажале парното греење, секако поради недоволна платежна способност). Таа е градена и развивана да ги задоволува потребите на сите кои имаат интерес за парно греење, меѓутоа, во колективните станбени згради во кои е вградена топлотна инсталација исклучувањето е неодржливо, зашто им создава проблеми на другите, а колективното живеење подразбира, најмалку, да не се влошуваат однапред познатите услови за живеење, ако не е можно да се подобруваат.
Како што тргнало, поради влошениот животен стандард, некои од граѓаните ќе побараат и да не плаќаат за водовод и канализација, затоа што таа услуга која се нуди во колективните објекти за нив ќе биде финансиски неодржлива. И? Па со вода ќе се снабдуваат од изворите во околината на Скопје, а фекалиите, нив сигурно ќе ги депонираат во јамите кои ќе ги ископаат пред зградите или пак во сопствена режија ќе ги дислоцираат на пристојна и безбедна локација. Не е за верување, но како што тргнало никогаш не се знае. Ако може да биде нормално во колективен станбен објект да се откажете од услугата греење, зошто пак да мора да ги користите останатите услуги?
Крсте Шајноски
Слично
