Извлечени граѓаните кои ќе добијат субвенции за сончеви колектори
Вкупно 606 граѓани ќе добијат субвенции за набавените сончеви колектори. Министерството за економија денеска електронски ги извлече оние што ќе добијат државно олеснување во висина од 30% од платената сума за инсталација на колекторите за искористување на обновлива енергија од сонце.
Барање за субвенции поднеле околу 2.000 граѓани, а за субвенционирањето се наменети шест милиони денари.
„Ова е шести пат на извлекување што значи дека од досегашниот период ваква субвенција добиле 2.415 семејства во Република Македонија“, изјави Виолета Каскарова од Министерството за економија.
Едно семејство кое што има вграден соларен термален колектор на годишно ниво може да заштеди 2.400 киловат-часа електрична енергија, односно околу 13.000 денари, покажуваат податоците.
