Извинување и објаснување од Мирјана Малеска
Во интервјуто за Фактор, ненамерно направив грешка, која молам да ја исправите . Во контекст на брзото докторирање (време под она што е денес утврдено со закон), наведов пример на таков докторат по етнологија.
Примерот не се однесува на докторат по етнологија. Искрено жалам што не проверив подобро и се извинувам за нарушениот углед на институцијата каде се стекнуваат докторати од оваа област. Се надевам ќе разберат како дојде до забуната.
На доделување на докторски дипломи во 2013, ги следев рефратите на кандидатите. Во еден од нив, ми падна во очи брзината на стекнување со оваа титула. Насловот сугерираше дека може да станува збор за тема од етнологијата. Сега се потсетив дека кандидатот всушност докторирал на институција каде инаку не би можел да докторира според предходното образование. На пример, да сте магистрирале на јазик, не би можеле потоа без предходни испити, да станете доктор по историски науки? Ако на тоа се додаде дека ментор беше професор од сосема друга област, случајот ми се стори мошне необичен. На пример, да докторирате на политика а ментор да ви биде професор по книжевност? Но бидејќи постои можност за приговор во текот на постапката за докторирање а никој не приговорил, ми преостана само да се чудам!
Овие месеци, во контекст на реформа на високото образование, се потсетив на случајот и го спомнав во интервјуто објавено во Фактор. Реков дека политичките функции носат значајни предности кои се злоупотребуваат и нема многу место за морализирање на власта. Во тој контекст го споменав “мошне необичниот случај”, на докторат од една област, со образование од друга и ментор од трета научна област, поранешен пратеник и директор на државна институција кој сега станува и универзитетски професор!
Во меѓувреме, за да не навредам одново некого, се обратив до надлежни институции, повикувајки се на Законост за слободен пристап до информации од јавен карактер, да ми го потврдат она што веќе го знам, а можеби го знаат и други. Секој мора да земе дел од одговорноста за состојбата на универзитетите. Доброто образованието е колективен напор на целата академска заедница
Мирјана Малеска
Слично
