Економија, финансии, бизнис

Контакт

Извештајот на ЕК  ги нотира проблемите со родово базирано насилство! Има ли кој да ги чита?!

Извештајот на ЕК  ги нотира проблемите со родово базирано насилство! Има ли кој да ги чита?!
Жените трпат насилство и често  молчат за тоа -велат од невладиниот сектор. Тие бараат итни мерки но и законски решенија кои ќе понудат долгорочни модели за грижа и заштита на жртвите. Извештајот на Европската комисија ги нотира и критичните точки околу родово базираното насилство за кое сеуште многу малку се зборува и работи -вели за Фактор, Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет. Во делот од Извештајот срочен во 23 -тото поглавје за фундаменталните права, а  кои  се однесуваат  на еднаквоста на жените и семејното насилство, се вели дека и покрај Стратегијата за родова еднаквост(2013-2020) и Акциониот план (2013-2016) сеуште се потребни механизми за промовирање на родовата еднаквост, бидејќи постои видлив недостаток и ограничени можности за граѓанското општество активно да се вклучи во донесувањето на одлуки. “Новиот Закон за борба против семејното насилство е донесен да се заштитат жртвите, но истиот не ги признава сите форми на насилство и обезбедува само граѓанска постапка против сторителите. Сеуште владеат стереотипи, па има родово базирано насилство. Потребни се итни мерки за борба против двојна или повеќекратна дискриминација, особено против жените Ромки”-се вели во Извештајот. Дополнително дискриминацијата се споменува како сериозен проблем  и во 19 поглавје посветено на социјалните политики и вработувањето. Оттука се наведува дека е потребна измена на постојните законски решенија и нивно усогласување со европската регулатива. “Законот за заштита од дискриминација треба да се измени и да се усогласи, да се зајакнат механизмите за антидискриминација. Во наредната година, земјата треба особено да: → справи со невработеноста, особено кај младите и на долгорочно невработените лица; → подобри бипартитниот и трипартитниот социјален дијалог, особено во приватниот сектор и особено за колективното договарање; → обезбеди соодветни институционални и финансиски ресурси се ставени на располагање за спроведувањена социјалната инклузија и намалувањето на сиромаштијата кои се во Стратегијата”- се вели во Извештајот. Според Чаловска ова само дополнително покажува дека е  потребно  итно ратификување на Истанбуласката конвенција како почетна точка на еден долгорочен  процес на промена во перцепцијата и менталитетот на луѓето. „За државите коишто ја ратификувале оваа Конвенција се предвидуваат низа обврски  за целосно третирање на сите облици на насилство врз жената и превземање на сите соодветни мерки за заштита на жртвите и казнување на сторителите. Правата на жртвата треба да се во центарот на сите мерки кои се спроведуваат по пат на ефективна соработка и координација со сите надлежни органи но и со зголемена вклученост и ингеренции на невладиниот сектор “-вели Чаловска. Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство, популарно наречена  Истанбулска Конвенција е меѓународен документ со досега најсеопфатни законски решенија и политики за заштита од насилство врз жените. Конвенцијата досега е потпишана од 29 земји членки на Советот на Европа, а ратификувана од 13. Македонија оваа конвенција ја потпиша на 08.07.2011 година без резерви. Според истата правилно треба да се третира проблемот на насилство врз жените, а во Конвенцијата се дадени низа дефиниции за поимите како што се „насилство врз жените“, „домашно насилство“, „род“, „родово засновано насилство“ и „жени“. Од невладиниот сектор сметаат дека во земјава не се спроведуваат постојните закони,  а институциите не реагираат брзо на пријавеното  насилство. Само за споредба во Словенија велат постојат 14 шелтер центри, а во Македонија само 4,  од кои ниту еден за жртви од силување. “Сите форми на родово базирано насилство не се вклучени во законската рамка. Ова е утврдено и во најновиот извештај на Европската комисија. Сметаме дека треба да биде приоритет во нардниот период и да бидеме вклучени во сите процеси кои ќе се однесуваат на измена на закоснакта рамка. Беше донесен посебен закон за спречување и заштита на семејно насилство, меѓутоа тиој не ги опфати сите форми на родово базирано насислтво, кои всушност ги опфаќа и Истамбулската конвенција”- додава  Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Последниве две години Македонија се соочува со нов сериозен проблем и најтешка форма на насилство врз жените- фемицид.  Проблем кој според невладините организации мора сериозно да се третира и да се  реши.  Минатата година статистиката  регистрира четири случаи на фемицид,  кои според активистите кои работат на оваа проблематика укажува на нефункционирање на системот за заштита на жртвите од  семејно насилство. С.Б.
Слично

Поврзани вести