ИЗВЕШТАЈ ЕК: Македонија е во ќор-сокак!
Процесот на пристапување на Македонија кон Европската унија е во ќор-сокак, заклучува Европската комисија во најновата стратегија за проширување, усвоена заедно со овогодинешниот извештај за напредокот на земјава на патот кон ЕУ.
„Потребна е акција се да се спречи неодамнешното назадување, особено во делот на слободата на изразување и на медиумите, како и во независноста на судството. Има итна потреба да се најде испреговарано и заемно-прифатливо решение за спорот околу името. Владата и опозицијата треба да преземат чекори за да се врати политичкиот дијалог во Парламентот“, се наведува во овој документ.
За земјава се истакнува дека и натаму се клучни добрососедските односи и изнаоѓање на заемно прифатливо решение за името, без одлагање, во рамкиите на процесот што се води во Обединетите нации. Комисијата сепак смета дека билатералните прашања меѓу земјите треба да се решаваат брзо и да не претставуваат пречки на процесот на интеграција, кој мора да е заснован на веќе воспоставените услови. Во однос на Македонија, Европската комисија уште еднаш, шеста година по ред, ја повторува препораката дека земјава е подготвена за почеток на преговорите за членство. „Неуспехот на двете вклучени страни да постигнат компромис за спорот околу името по 19 години преговори под посредство на ОН има директно и негативно влијание на аспирациите на земјата да се приклучи кон ЕУ. Потребна е решителна акција и проактивна поддршка од европските лидери. Комисијата потсетува на својот став дека доколку започне процесот на скрининг и дискусиите во Советот за преговарачката рамка, тоа може да го создаде потребниот моментум со кој ќе се поддржи изнаоѓање на заемно прифатливо решение за името уште пред да започне отворањето на посебните поглавја за преговорите“, се наведува во стратегијата. Комисијата забележува дека Советот и натаму не ја почитува нејзината препорака за почеток на преговорите, но и дека реформите во повеќе клучни области во земјава во изминатата година биле незадоволителни, а во дел има очигледно назадување. За првпат во овој извештај Европската комисија предлага Поглавјето 31 од европското законодавство, кое се однесува на заедничката надворешна и безбедносна политика, да се разгледува со земјите-кандидатки во рана фаза на преговорите. Ова се смета дека е резултат на одлуката на дел од земјите кои се во процесот на евроинтеграција да не ги следат насоките на ЕУ во поглед на санкциите кон Русија, меѓу кои е и Македонија. „Комисијата ја нагласува важноста за постепено усогласување на земјите во процесот на евроинтеграција со надворешната политика на ЕУ“, стои во стратегијата. Интегрално овој документ можете да го прочитате ТУКА. Еврокомесарот за проширување Штефан Филе на пладне ќе ги претстави Извештајот и Стратегијата за проширување пред Европскиот парламент, а потоа ќе одржи ои пресконференција.
Слично
