Економија, финансии, бизнис

Контакт

Измените на законите за основно и средно образование експресно поминаа во Собрание

Измените на законите за основно и средно образование експресно поминаа во Собрание
Измените на законите за основно и средно образование, со кои меѓу другото се предвидува воведување на т.н. „резервни наставници“ на замена за време на штрајк, попладнево експресно беа изгласани во Собранието. Само што утрово поминаа низ матичната Комисија за образование и наука, веќе попладнево двата закони кои се носат по итна постапка се најдоа и на пленарна седница и беа изгласани. Овие законски измени предизвикаа остри реакции на Синдикатот за образование наука и култура (СОНК) од каде реагираат дека истите ќе претставуваат заплашување на наставниците да не штрајкуваат и оти претставуваат нарушување на правото на штрајк. Законските измени предизвикаа реакции и дебата на денешната собраниска Комисија за образование и наука. Амандманите ги образложи министерот за образование Абдулаќим Адеми, според кого и покрај реакциите на СОНК, ваквите законски измени не го нарушуваат правото на штрајк. „Во случај ако има штрајк директорот на училипштето е должен да обезбеди резервни наставници. Ова не е за да се влијае на штрајкот, туку да нема прекин на наставата. Кој и да штрајкува нема да биде избркан од работа ниту суспендиран“, вели Адеми. Рамиз Мерко од ДУИ им порача на наставниците да штрајкуваат во летно време или во зимски распуст за да не трпи образовниот процес. „Законот кој е во второ читање е во функција на заштита и на наставниците и на учениците. Сведок сум на многу штрајкови во Струга за банални причини, на штета на учениците. Има разни начини, има и неодговорни наставници, штрајкови од инает со градоначалници и штрајкови на етничка основа“, рече Мерко. Рафиз Алити од ДУИ подготвува и најави дека ќе достави нов амандман со кој во законите ќе се прецизира што е бојкот, а што штрајк. Точната содржина на овој амандман не се знае. Чедомир Саздовски од ГРОМ најави дека ќе ги поддржи законските измени, но нејасно му остана дали доколку има штрајк државата и одговорните имаат капацитет да најдат замена на сите наставници. Прашањето му го упати на министерот Адеми, но тој не даде конкретен одговор. И пратеничката Марија Ангеловска од ВМРО ДПМНЕ застана во одбрана на законските измени и им порача на наставниците да си ги преиспитаат одлуките кога ќе одлучат да штрајкувааат. Но, исто така таа кажа дека пред извесно време била во Бугарија и Романија каде платите на наставниците биле – 250 евра во Бугарија и 150 евра во Романија. „Дали знаете колкави се платите на нашите наставници?“, праша Ангелова алудирајќи дека македонските наставници имаат повисоки плати од некои наставници во земји-членки на ЕУ. На законските измени се спротивстави Солза Грчева, која посочи дека освен уставни прекршувања, со овие амандмани се крши и Меѓународната конвенција за труд која Македонија ја има потпишано и според која не смее да има замена на наставниците во време на штрајк. Грчева праша зошто законот се носи само неколку дена пред најавен штрајк во образованието и зошто не се разговараше со СОНК пред да се носат измените за да се најде заедничко решение во интерес и на наставниците и на ученицоте. „На овој начин легитимрате штрајк брејкерство“, рече таа.
Слично

Поврзани вести