ИЗМЕНИ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ: Дали земјоделците ќе бидат изманипулирани?
Измените во Законот за пензиско и инвалидско осигурување ги поделија земјоделците. Дел од земјоделските здруженија во новата владина одлука препознаваат предизборен маркетинг.Од Регионалниот синдикат на земјоделци велат дека за нив е нејасно зошто дури сега Владата менува член кој во нејзин мандат односно во 2009 година првично бил избришан.
-Сведоци сте дека веќе пет години, од самиот почеток на неговото формирање, Сојузот на синдикат на земјоделците бара да се исправат многуте неправдати и нелогичности над земјоделците и производителите на храна во Македонија. Меѓу многуте неправди беше и онаа со бришењето на членот 203 од стариот Закон за инвалидско и пензиско осигурување, токму од страна на оваа власт. Како што е познато, со оваа одлука на над 2.000 земјоделци не им се признаа платените придонеси за период од 10 години - од 1978 до 1988 година, со што им беше одземено правото на пензионирање. Деновиве оваа иста влада на широко се рекламира со нови мерки за „исправањето на долгогодишната неправда врз оштетените земјоделци“ и нивно пензионирање, стои во реакцијата на Регионалниот синдикат на земјоделци.
Од синдикатот прашуваат како да бидат сигурни дека овој пат земјоделците нема да бидат изманипулирани и колку земјоделци ќе бидат опфатени со измените.
-Дали и оваа не е уште едно од вашите многубројни предизборни и популистички ветувања? Зошто чекавте толку долго – решението на овој проблем беше покренато уште од 2009 година како граѓанска иницијатива од канцелариите за комуникација со граѓаните на пратеничките групи од Струмица, тогашниот Иницијативен одбор токму за решавањето на овој проблем цели пет години направи многу за неговото иницирање и наметнување пред јавноста и државната администрација. Дали и овојпат нема да ги излажете и изманипулирате земјоделците, како во 2013 година, кога повторно пред избори донесовте слично решение, со кое се офајдија само мал број од засегнатите земјоделци, прашуваат од синдикатот.
Од друга страна дел од земјоделските здруженија законските измени кои се однесуваат на страосната пензија за земјоделците, ги оценија како позитивни. Ставот на Сојузот на лозари на Македонија „Агротиквешија“, Асоцијацијата на земјоделци и Вељо Тантаров од Сојузот на земјоделци на Македонија, е дека со законските измени се решава голем проблем за оние земјоделци кои плаќале, но стажот не им бил озаконет. И тие посочија дека лани поднесле барање за да се најде модел за земјоделците кои од 1978 до 1988 година плаќале пензиско осигурување
- На земјоделците на кои им беа платени сите давачки им недостигаше стаж од 10 години, а тие што беа во пензија имаа намалена пензија во износ од 10 – те години кои не им беа признаени како платени, така што оваа вест навистина предизвика радост кај поголем број од постарите земјоделци, на кои им се измирени обврските кон пензиското, изјави Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.
Со измените на законот ќе бидат опфатени околу 400 индивидуални земјоделци, кои од Нова година ќе можат да земаат старосна пензија. Законските измени треба да помине на Собрание, а за реализација на исплатата над 552 илјади евра годишно.
Ј.С
Слично
